Модното патување во хипи-ерата и боемскиот сензибилитет од претходната колекција Оливера Штакоска го продолжи и во новата наречена „Волнена приказна“ прикажана вчеравечер на Моден викенд-Скопје. Битолската креаторка можеби не зборува многу за своите колекции, но нејзините креации сами раскажуваат приказни. Таа повторно претстави обемна колекција разработена до последен детаљ и поддржана со соодветен стајлинг. Иако навидум моделите на Штакоска содржат јасни и директни референци на хипи и боемскиот стил, а поради стајлингот изгледаат дури и костимирано, доколку убаво ги простудирате ќе забележите дека скоро секое парче е применливо и за модерното време – почнувајќи од фустаните, палтата, наметките со качулки, до волнените пончоа и плетените шалови. Главен акцент е ставен на волнената ткаенина како базична за зима, а боите се позајмени од природата. Кроевите се широки и удобни, а низ креациите се среќаваат фолколрни мотиви и везови. Креаторката внимавала на деталите, накитот, чантите и обувките специјално направени за колекцијата. Штакоска уште еднаш покажа дека без голема помпа и фама околу своето име може да допре и да ја одушеви публиката со своите елаборирани креации. Минатата сезона тивко се појави и нè изненади со дебитанската колекција Lace, за која тимот на Stylist.mk ѝ додели награда, а и овојпат по ревијата првите реакции на публиката и колегите новинари беа доста позитивни. (К.Т.)
Фото: Stylist.mk
3 Коментари
Благодарам Ана! : )
Kreatorkata Olivera Shtakoska e prekrasna!!!
Me interesira dali ima web strana i kaj i se naodja ateljeto?
Драга Мими, колку што знам, Оливера нема сајт, само страница на Facebook https://www.facebook.com/stakoskaolivera … Девојката работи и живее во Битола, но нејзини креации може да се купат и во Скопје, во Lotus Design Store во „Скопје сити мол“.