Неспорно е дека Сара Фешн важи за еден најпрепознатливите македонски брендови и многу е веројатно секој од нас да има барем еден производ со потпис СФ. Присутен на пазарот безмалку две децении и специјализиран за производство и продажба на чорапи, долна облека, костими за капење и многу други производи, Сара Фешн од мала семејна продавничка прерасна во голема компанија која ги следи светските трендови. За подемот на овој бренд зборувавме со генералниот директор Дејан Спасовски, со маркетинг специјалистот Маја Илиоска, како и со модната дизајнерка Ивана Кнез. Првиот човек на на Сара Фешн и другите во СФ тимот, заслужни се за растот и подобрувањето на брендот и услугата, за ребрендирањето, пласирањето на рекламни кампањи со светски изглед, лансирањето на онлајн продавницата, организирањето на модни ревии, бројните маркетиншки акции кои уште повеќе ги доближуваат производите до публиката.
ДЕЈАН СПАСОВСКИ: „Бренд се гради со многу љубов, работа и посветеност“
Никој подобро не може да ја раскаже приказната за Сара Фешн од генералниот директор и сопственикот на брендот Дејан Спасовски. Тој ни објасни како стартуваше брендот кој трае скоро две децении и како малата семејна продавница за продажба на чорапи се претвори во голема компанија со повеќе подбрендови, бројни продажни места и постојан раст.
-Пред две децении на овој свет се појави една убава продавница за чорапи Сара Фешн. Ние творевме и работевме во таа насока – убави, квалитетни, топли, удобни и модерни чорапи за нашите потрошувачи. Како што ги следевме нивните потреби за нови производи, нови трендови и модели, така ги следевме и нашите можности за да им одговориме на истите. Чекор по чекор се проширивме во други сегменти на производство и продажба на хулахопки, долна облека, костими за капење, за деца, жени и мажи. Така прерасна македонскиот бренд Сара Фешн.
Што сè произведува и опслужува Сара Фешн?
- Де-Та Дејан како производител на памучни чорапи и долна облека, дел од своето портфолио на производи и брендови го обезбедува преку сопствено производство, а дел преку надворешни соработници во земјава и странство. Горди сме на своите брендови SF, Red Star, Tamara, застапништвото на светски познатите брендови Penti, NBB, Pompea, како и уште десетина други помали брендови кои ги имаме во нашата понуда. Имаме големо и богато портфолио кое го сочинуваат чорапи за деца, жени и мажи, своја линија на дезенирани хулахопки, долна облека, пижами, маици, килоти, градници, функционална долна облека, костими за капење за деца, жени и мажи, модни додатоци и уште многу други артикли. Разновидноста на брендовите дозволува разновидност во дизајни и колекции, а со тоа имаме голема понуда за сечиј вкус и потреби.
Успеавте да отворите сопствена продавница скоро во секој град кај нас, а се ширите и во регионот. Ќе ни ги откриете ли точните податоци и бројки?
- Горди сме на растот во земјата и Балканот. За сега може да нè посетите во точно педесет и седум Сара Фешн продавници во Македонија и десет во Србија. Додека за брендот Пенти Ве очекуваме во петте продавници, три во Македонија и две во Србија. Нашето СФ и Пенти семејство на продавници постојано се шири, на што сме особено среќни.
Како прв човек на компанијата какви планови си зацртавте за развој и раст на СФ, за проширување на асортиманот и што сметате дека исполнивте? Кои според вас се клучните моменти за подемот на брендот?
-Кога се дефинираат цели за иднината, секогаш треба да се твори кон нивно исполнување. Така работи и Сара Фешн. Зголемувањето на асортиманот со понуда достапна и привлечна за сите е една од клучните цели кои ја исполнивме, а можам да кажам дека резултатите велат – надминување на зацртаните бројки во сите категории на производи, долна облека, хулахопки, чорапи, костими за капење, акцесоари и задоволни клиенти. Клучните моменти за подем на една компанија мора да се надополнуваат и помагаат меѓусебно. Одлуката за ширење на малопродажната мрежа, како и франшизната, договорите за застапништво на светските брендови, редовната реорганизација на структурата на компанијата во согласност со потребите во моментот, е дел од нашата компаниска стратегија за успех.
Се сеќавате ли на почетниот мотив зошто токму чорапи, но подоцна и проширување со долна облека, хулахопки, костими за капење?
-Кога еден ден ќе откриете за што сте добри, а не сте ни биле свесни за тоа – тогаш сè е полесно. Утрото кога ќе решите за нова иднина во својот живот, ќе значи и утро во кое сте го создале брендот без да размислувате за него. Така и кај мене, потребата за работа, потребата за приходи ме подучија каде да го насочам својот талент и знаење – продажба. Првата средба со неа ја имав со продажба на ваква категорија на производи – чорапи и хулахопки, а тоа ме поттикна и во моментот кога одлучив да градам своја приказна и бренд. Потоа пропратно се проширија и другите категории на производи кои се дел од брендот Сара Фешн.
Сара Фешн минатата година го прослави 18-ти роденден со голема ревија и моден настан во Скопје, дали планирате во сличен манир да славите и годинава? Кои се всушност плановите за идниов период?
-Полнолетството на Сара Фешн беше одлично, како што и доликува на бренд како неа. Секако, оваа година ќе ги славиме 19-те години од постоењето со модно шоу кое веќе ќе прерасне во СФ традиција. Секоја година со поголема бројка на свеќи на тортата, што ќе значи секоја година поуспешна, позрела, попрепознатлива.
Воведовте повеќе новини во последните месеци, како ребрендирање и уредување на вашите продавници, соработка со модната дизајнерка Ивана Кнез, разни маркетиншки акции и креирање на сопствени модни кампањи… Колку треба да се следат модерните трендови на промовирање и развивање на брендот?
-Постојано вложување во работата, современ изглед на продавниците, развој на бредновите, маркетинг стратегиите како и дизајните на производи кои ги реализираме со дизајнерката Ивана Кнез неколку години, се основна цел за сегашните и идните планови на компанијата како следење на трендовите.
Според вас, како треба да се развива еден македонски бренд? Како на македонскиот пазар да се биде успешен, продуктивен, и како во случајот со СФ да се стане препознатлив и баран бренд?
-Македонскиот бренд, впрочем како и секој друг бренд, треба да се гради со многу љубов, работа и посветеност. Голем број превземени акции, решенија, одлуки стојат зад големината на брендовите кои ги гледаме. Сметам дека за успех и препознатливост се клучни две нешта: визија и упорност. Визијата е патоказот каде сте и каде ќе одите, а упорноста ве носи токму таму.
ИВАНА КНЕЗ
Познатата дизајнерка на облека и накит Ивана Кнез која што неколку сезони соработува со Сара Фешн, ја прашавме како дојде до спојот со брендот и колку ѝ беше предизвик да се впушти во поинаква дизајнерска приказна.
-До соработката дојде спонтано и непланирано, Јас сум надворешен соработник на компанијата, веќе трета сезона соработувам со тимот на Сара Фешн, до тој момент немав работено на слична задача, па со почетокот на самата соработка за мене се отворија нови хоризонти и можности за развој.
Која е конкретно твојата улога во компанијата? Од што се состои твојата дизајнерска задача?
-Најголемиот дел е насочен кон истражувања на пазарот и експеримент со материјали и форми, фокусот ни е ставен на развој и подобрување на стандардот на самиот бренд, па така мојата главна обврска е создавање на колекција по побарување на локален пазар, а со визија за освојување на светските пазари.
Во моментов актуелни се костимите за капење, кои трендови ги вметнавте за лето 2018, и колку се тие во чекор со светските трендови?
-Доста сум задоволна од фидбекот на најновата колекција. Станува збор за обемна линија каде освен трендови се опфатени и базични програми со акцент на себеприфаќање и поединечна убавина на женското тело. Тренди делот е доста индивидуален и опфаќа повеќе светски тенденции, заедно со нашата предложена baby pink линија. Се обидуваме да бидеме свои и препознатливи, дури и етаблираните трендови ги водиме на наш начин.
Што освен костими за капење што друго нуди СФ за лето 2018 и одмор покрај плажа?
-Целата колекција опфаќа широк дијапазон на производи, па така може да дојдете кај нас и да се подготвите за претстојниот одмор за целото семејство, заедно со додатни аксесоари, од типот на чанти, папучи за на плажа, наметки…
Кои се твоите омилени производи со СФ етикета?
-Субјективна сум за костимите за капење, веројатно би ги ставила нив на прво место. Или можеби нашата дизајнерска линија на хулахопки која се појави премиерно предходната година.
Што може да очекуваме за следната сезона во однос на твоите дизајни и трендовите?
-Трендовите се јаки и гласни, свежи и полни со млад дух. Многу неочекувани форми и пристап кон секое парче како носечко. Ќе се обидеме да ги доловиме на наш начин и да ги зачиниме со наше видување.
МАЈА ИЛИОСКА
Млада и енергична Маја Илисока е маркетинг специјалист во Сара Фешн и во својот оддел ги следи истражувањата на пазарот, развојот на брендот, маркетиншките акции што се преземаат.
-Маркетингот е повеќе од оддел, дури би рекла маркетинот е како срце во компанијата. Ја сака креативноста и ја љуби уметноста. Од него почнуваат да „летаат“ пеперутките од брендот и патуваат до сите негови вљубеници. Затоа секој наш потег, активност или кампања како наша стратегиска цел е да им ја пренесеме љубовта на нашите сегашни и идни потошувачи. Тоа за развојот на брендовите во компанијата, конкретно на брендот СФ е од круцијално значење, бидејки како и за сите, љубовта е движечка сила. Активни сме на многу маркетинг полиња и со големо внимание им се посветуваме на сите, социјални медиуми, видеа и реклами, модни едиторијали, електронски и печатени медиуми, промоции, модни ревии… сè што значи креативност и енергија.
Внимание привлече последната промотивна кампања за #SF костимите на капење снимена во Грција со три модели и со фотографското дуо Ани и Дими. Сметате ли дека го имаше вистинскиот ефект и дали тоа се одразува на продажбата?
-Како што Ерих Фром еднаш изјавил – „Креативноста бара храброст да се одвоиме од сигурното“ – така ние храбро настапуваме за секоја наша следна видео порака да биде совршено креативно подготвена. Овој пат спојот со Ани и Дими, како и професионалните модели беше одличен. Ефектот го гледаме преку приказната #СФлето2018 – сите ја знаат, а ние ја презентиравме кога го комуницираме карактерот на нашите колекции. Што се однесува за продажбата, таа е условена првенствено од задволството на нашите купувачи од квалитетот на брендот и нивната долгододишна искрена лојалност кон нашите производи.
СФ е еден од домашните брендови кои преку оваа кампања испрати позитивна порака…
-Токму така, Сара Фешн ова лето покрена кампања со слоганот #СакајтеГоВашетоТело, а со тоа на припадничките од женската популација им препорачаваме да одберат костим за капење според обликот на нивното тело. Понудата ја проширивме со модели за момци, како и за најмладите девојчиња и момчиња, но акцент ставивме на жените. Идеална фoрма на женско тело не постои – бидејќи секоја е идеална, убава, привлечна на свој единствен и препознатлив начин – впрочем во тоа е и убавината на жената. Сепак, познавањето на формата на телото може да ни помогне да ја одбереме вистинската комбинација со која ќе ги истакнеме нашите атрибути. Затоа им порепорачавме #СакајтеГоВашетоТело, зрачете со позитивна енергија и бидете задоволни со вашиот изглед.
Следејќи ги светските трендови неодамна отворивте онлајн продавница, како таа функцинира?
-Да, искрено ќе кажам дека sarafashion.mk е нашето најново милениче. Најмладата продавница, која ја градиме и надополнуваме постојано, во себе крие огромен потенцијал. Може да разгледувате производи, гледате видеа, читате новости и интерсни содржини поврзани со нашите колекции, кампањи, трендови, а најважно од сè – да купувате производи додека одморате во вашето прибежиште и пребарувате по интернет – а со ова всушност, можете сè!
Според вашите истражувања внатре во комапнијата успеавте ли да го дефинирате купувачот на СФ производи? Кому се наменети СФ производите и дали сметате дека достапноста во однос на цените се привлечни за секого?
-СФ е за сите. За деца, млади и возрасни. За НЕА и за НЕГО. Можеме за сите да направиме профили и идентитети, исто како на Facebook или Instagram, а со тоа директно се поврзуваме со поторшувачот и го јакнеме брендот. СФ е, и ќе биде првиот извор на сите оние кои им е потребно пондовување во плакарот, долна облека, пижами, хулахопки и чорапи, костими за капење. Разновидноста и цените во асортиманот се внимателно дефинирани согласно понудата. Тоа е нашата предност. Може да се пронајде секој и секогаш, за себе и за своите блиски.
Што е следниот предизвик на компанијата? После бројни продавници во Македонија и 15 надвор, позиционирање како препознатлив бренд на домашниот пазар, дали целта е СФ да стане и балкански бренд?
-Околу шеесет продавници во Македонија, како и десет во Србија за нас значат бројки кои велат дека ние можеме и мораме да направиме многу повеќе! Повеќе за достапноста во државите на Балканот, повеќе за добрите и квалитетни производи, повеќе вложување и упорност. Треба многу трпение и работа за да се изоди патот до успехот, а нашата компанија внимава на сите сообраќајни знаци додека патува, посветеност, истајност, чиста конкурентска борба која дава уште поголем поттик и задоволни потрошувачи. Всушност тие се и мотивацијата СФ да прерасне балкански, па потоа и европски бренд. Бидејки за нив и за нас, СФ значи #СекогашПовеќе.
1 коментар
Samo uspesi vo idnina…