„Ветерницата претставува убав симбол за нашето животно патување. Како што за ветерницата е важен секој ветар, без разлика на тоа колку е брз, топол, студен, така и во нашиот живот сите животни ситуации имаат некаква смисла и треба да ги прифатиме со широко раширени раце, да ги прегрнеме и да им кажеме благодарам. Во животот ни се дадени моменти кои ги доживуваме како негативни и моменти кои ни се убави, а наше е да сфатиме дека и едните и другите ни се подеднакво важни и без нив не ќе можеме да растеме и вистински да го живееме нашиот живот“.
Со овие зборови дизајнерката на уникатен накит Марија Манева ја објаснува приказната зад името на својот бренд Windmill, што на англиски јазик значи ветерница. Windmillshop настанал пред две години и како што вели Марија, бил логичен след на нејзината потреба да најде уште еден медиум за креативно изразување.
-Не се согласувам со ставот дека за да бидете успешни треба да го ставите фокусот на одредена работа, фокусот не треба да биде медиумот, фокусот треба да биде во креирањето, во патувањето кое го имаме додека создаваме, дали тоа не прави среќни и дали тоа што го правиме е тоа што вистински го сакаме. Низ каков медиум понатаму тоа патувањето ќе се изрази е прашање на избор. Живееме во мултимедијално време, достапни ни се најразлични форми за изразување и треба да бидеме благодарни заради тоа. Познавам многу луѓе кои се подеднакво генијални и кога пишуваат поезија и кога цртаат и кога прават графички дизајни и кога фотографираат, само заради тоа што изворот на нивната креативност е љубовта – вели креативката која е препознатлива по обетките и ѓерданите со впечатливи бои и принтови изработени од епоксидна смола. Покрај тоа што изработува накит, таа е актуелна и со работилниците каде што го пренесува своето искуство и знење за дизајн на накит од епоксидна смола.
>>Што претставува епоксидна смола, какви се нејзините спецификации, како се добива и како се применува?
-Епоксидната смола е позната уште и како течно стакло. Постојат различни техники за нејзина примена, на работилниците ги учиме сите техники иако јас лично во изработката на мојот накит ја користам техниката со употреба на фотографии. Се работи за двокомпонентна течност која се излева и се суши на собна температура. Откако смолата ќе се исуши добива ефект на стакло, изгледа навистина привлечно, накитот е со многу убав сјај, а материјалот не се крши и оштетува.
>>Какво е вашето искуство со епоксидната смола, од кога се занимавате со истата и како ја отривте?
-Ја открив сосема случајно, ме привлече еден брош кој го видов на интернет и потоа истражував од каков материјал е направено, во прво време мислев дека се работи за керамика, за на крај да откријам дека станува збор за епоксидна смола. Понатаму процесот на истражување беше долг, но ви исто време и многу возбудлив. Најголемиот проблем беше тоа што епоксидната смола не беше достапна во Македонија и морав да ја обезбедувам од соседни држави. Конечно, пред еден месец дознав дека од неодамна може да се купи и во Скопје, така што тој предизвик дека постојано мораш да се соочуваш со недостаток на основниот материјал веќе е надминат, останува само креативниот момент.
>> Во неколку наврати изминатиов период одржавте работилница за накит од епоксидна смола. Како поминаа предавањата и какви се резултатите од истите? Колку курсисти ја поминаа обуката?
-Првата работилница за накит се одржа во ноември минатата година и до сега обуките ги посетија 35 учесници. Резултатите се одлични, им се радувам секојдневно. Во постојана комуникација сум со сите учесници и тој заеднички процес на мотивација, охрабрување, поддршка, консултација, не престанува. Некои од учесниците веќе направија свои брендови, кои се фасцинантни и многу ми е драго што започнаа да ја раскажуваат својата успешна приказна.
>>За курсевите има голем интерес, дали наскоро планирате нова работилница? Каде и кога би се одржала?
-Работилниците ги правам со голема поддршка на АРТиЗАН, Центарот за занаети и работилниците се одржуваат во нивните простории лоцирани во Старата Скопска чаршија. Огромниот интерес и мене лично ме изненади. Бројот на местата за секоја работилница речиси однапред е пополнет, бидејќи бројот на учесници е лимитиран на 10 лица, а секогаш има поголем интерес. Следната работилница ќе се одржи на 9 и 10 април во АРТиЗАН и со нетрпение ја очекувам. Дружењата со секогаш инспиративни, колку што учесниците учат од мене, толку учам и јас од нив. Прекрасно е да се запознаваат луѓе со убав дух и енергија. Навистина уживам во тие два дена колку што трае работилницата. Покрај техниките за работа со епоксидната смола на работилниците разговараме и за креирање на бренд, продажба, промоција и сѐ што значи успешно раководење во делот на креативните индустрии.
>>Кои се вашите досегашни искуства со модата и дизајнот?
-Во последните три години, колку што интензивно се занимавам со дизајн на накит, имам направено повеќе колекции. Секоја има своја приказна и секоја од нив носи некаква порака. Генерално во својот секојдневен круг им отворам простор само на инспиративните работи и такви сакам да давам. Кога нешто правиш искрено, тоа се препознава и секогаш наидува на одличен прием. За Windmillshop ме врзуваат само убави искуства, од учества на базари, преку прекрасна комуникација со купувачи, успешни работилници и исклучителна соработка со модната конфекција „Линеа“ од Штип. За потребите на нивната колекција есен-зима 2015 направив брошеви и тоа навистина беше несекојдневно искуство за што кај нас сѐ уште се ретки вмрежувањата во креативните индустрии.
>> Од што најчесто црпите инспирација и кому ги посветувате парчињата?
-Инспирацијата ја црпам од себе :) затоа ми е многу важно да ја одржувам состојбата во која ќе бидам во хармонија со себе. Единствено во таа состојба можеш да го забележиш светот околу тебе со сета своја убавина, да го доживееш на правиот начин, да ја видиш вистинската боја на пролетта, да го забележиш мирисот на цветот, да го слушнеш жуборот на реката, да ја почувствуваш насмевката на случаен минувач. Парчињата ги посветувам на сите оние до кои допира енергијата со која творам. Кога си отворен да примиш доволно убавина, ја преработуваш, внесуваш нешто свое и повторна ја ставаш на располагање од таму од каде што си ја зел, а таа си го наоѓа сопствениот пат.
>>Кои Ви се најчести клиенти и каде може да се набават креациите?
- Купувачи се најчесто девојки, жени кои со задоволство носат рачно изработени работи, а можностите за продажба се големи, тоа е и една од предностите на мултимедијалниот технолошки развој. Имам свои виртуелни продавници на неколку интернет платформи преку кои ги нудат моите дизајни и на домашниот пазар, но имам купувачи и од други земји во светот, најчесто Америка и Канада.
>>Кажете ми нешто повеќе за себе, како функционира вашето секојдневие?
-Функционира чудесно . Внимавам на тоа во секојдневието да внесувам што е можно повеќе радост, но и да се заблагодарам за тоа што сум имала можност да доживеам уште едно совршено секојдневие.
2 Коментари
И мене ме интересира каде може да се купи епоксидна смола
Сакав да прашам за епоксидната смола каде ја има во Македонија, каде можам да ја најдам.