Лисици, буфчиња, елени, ежиња и други животни, мотиви од африкански племиња, разни предмети од секојдневието, апстрактни фигури, фикциски и реални ликови, и уште многу други форми извајани од дрво секојдневно се раѓаат во работилницата на креаторот на накит Глигор Кузмановски. Тој му дава нов живот на секое парче дрво. Неуморно, секој ден создава по една нова приказна. Креативната игра со дрво за овој млад дизајнер, кој има дипломирано Историја на уметност со археологија, е единствената работа што ја обавува.
-Работам дома. Станувам, правам кафе, почнувам да творам…вечерам и ете, летнал денот-ја почнува својата приказна Кузмановски, со кој се сретнавме на неодамнешната божикна поп-ап продавница во „Цреша“.
Интересот за создавање на нешто, пред сè, и љубовта кон убавото и пријатните насмевки го насочиле кон накитот.
-Уште како дете си ги изработував играчките, а во тинејџерските денови почнав да креирам накит со првите монисти. Немам посетувано никаков курс за изработка на накит, но факултетот, Историја на уметност со археологија имаше значајна улога… Креирам прстени, алки, ѓердани, обетки и брошеви од дрво со уникатен дизајн. Изработувам секакви форми што би ги дефинирал како скулптури кои можат да се постават на било кој дел од телото, во било која форма. Најчесто како материјал го користам оревот, но знам да употребам и смоква, цреша, во зависност од идејата, бидејќи сите три се со различна боја, дозволуваат интересна игра-раскажува тој.
Најчесто креира облици инспирирани од природата, животни, растенија, природни појави.
-Природата нè опкружува, дури и тоа што не е од природата, е создадено од некој што нашол инспирација во неа. Се обидувам да раскажам приказни кои сите ги знаеме, некои што помалку ги знаеме и некои што ги знаат само малкумина. Во секој случај, се многу искрени. Не водам статистика и не ја знам точната бројка на создадени креации, а инспирацијата несвесно се проткајува со годишните времиња, каде што летото цврсто си го држи првото место.
Изработува доста нарачки, каде што најпрво се запознава со идејата, со луѓето за кои е наменета креацијата.
-Ако успеам да дознаам некој детал супер, ако не, се потпирам на сопствената имагинација и замисла, така да најчесто парчињата се посветени од драги луѓе за драги луѓе. Тие ми ја раскажуваат својата приказна, а јас му ја шепнувам на дрвото-вели тој.
Неговите модели се уникати кои само еднаш ги прави. Доколку некој инсистира на нешто веќе изработено, наоѓаат компромис, некоја измена, слично, а различно, со што истото си носи свој уникатен печат.
-Не би можел да направам рамка за профилот на моите клиенти, но би можел да кажам дека тоа се луѓе што ја ценат мојата работа и кои дефинитивно се пронаоѓаат во моите и туѓите приказни. За да дојдете до некој од моите дизајни, моментално може само во директен контакт со мене.
Вели дека нема омилено парче, туку сите му се подеднакво драги.
-Во секое парче и изработка се внесувам целосно, така да на крајот сите ме радуваат…Луѓето си го одбираат своето и секој по нешто „свое“ ме препознава.
За него првапат се слушна во модниот свет по соработка со познатата дизајнерка Росица Мршиќ на две нејзини колекции.
-Работата со Росица беше прекрасна и сум многу задоволен. Имавме соработка на два наврати, на колекциите есен-зима 2011/12 и пролет-лето 2012 (презентирана на Модниот викенд-Скопје ), каде што го изработив накитот за нејзините колекции. Соработката настана случајно, но ако се појават и други дизајнери јас сум отворен за нови „случајности“-вели тој.
Покрај дизајнот на накит Глигор има изработено и неколку слики.. ама сепак, како што вели, не се откажува од творењето со дрво.
1 коментар
Prekrasni kreacii od mnogi talentiran umetnik koj znae da ja ceni prirodata I da gi slusa porakite sto taa skrisum ni gi praka. Prekrasno, bezceneto I sovrseno. Bravo