Со три уникатни и практични модели на чанти, македонската дизајнерка Лидиа Јовановска, која живее и работи во Лондон, е во конкуренција на светскиот моден натпревар MUUSE x Vogue Talents Young Vision Accessories Award 2014. Станува збор за избор на најдобри дизајни на модни додатоци во организација на двата светски гиганта во областа на модата. MUUSE е светски позната платформа за следење, развој, продукција и дистрибуција на дизајните на младите таленти, а Vogue е највлијателниот моден печатен и онлајн-медиум. Натпреварот се одржува онлајн, а за Лидиа може да се гласа на vogue.muuse.com. Гласањето трае до 17 февруари.
-Oвој натпревар е добар пред сè за промоција. Победникот добива објава и четири страници во Vogue, а MUUSE го продава победничкиот производ, со тоа што тие се грижат за сè, на дизајнерот му следува приход од авторски права. Кандидатите треба да имаат некаква модна едукација, и три готови производи, за да партиципираат под свое име. Моите чанти се специјално создадени да бидат практични, а дизајнот е минималистичен за да ѝ прилега на софистицираната жена. Насловната чанта е WALLY- една од помалите што служат како паричник и модел за разни пригоди, која се прикачува за поголемите чанти. Втората е MOTHER, најпрактичната, лесна и најергономичнa во колекцијата. Целиот бренд е базиран околу оваа чанта. Третиот дизајн е TRENDY. Оваа чанта е дизајнирана за жените кои мораат да изгледаат модерно, но сепак сакаат да бидат практични-вели таа.
На крајот од изборот ќе има два победника. Првиот од публиката другиот од професионално жири. Првите 50 ќе бидат оценети од професионално жири.
Лидиа е основачка на концептуалниот бренд L&E, стациониран во Лондон, кој е специјализиран за изработка на чанти и модни додатоци.
- Брендот го основав во септември, минатата година, кога се вратив од Хонг Конг, каде што работев како креативен директор. Со моето постојано патување дојдов до заклучок дека женските чанти навистина не се практични и имав чувство дека нон-стоп нешто барам во чантата. Кога се вратив во Лондон веднаш почнав да работам да им помогнам на жените (девојките) како мене, да ги поедноставам чантите и да бидам бренд кој може да им одговори на сите нивни потреби. Сите прозводи во овој бренд се обмислени да се надополнуваат и да одговорат на дадена потреба, зашто сите имаме различни потреби така и L&E има разни производи и секој може да одбере и земе само тоа што им треба. Исто така тука се јави и соработката со Македонија. Како Македонка сметав дека имаме добри занетчии и природно сакав своето производство да го насочам кон мојата земја и нашите талентирани занаетчии.
Покрај Лидиа голем удел во работата на брендот има занаетчијата Хаким Амети, за кој вели дека е извонреден креативец со нескротлива страст кон својот занает. Заедно работат на сите идеи и дизајни и ги усовршуваат.
-Многу ми е важно чантите да се изработени рачно во ателје, а не во фабрика. Исто ми е важно да работам со луѓе кој го имаат истиот ентузијазам кон брендот и модата кој го имам и јас. Во Англија имам многу поддршка од државни организации до луѓе кои се во модната индустрија доста време, кои ме земаа под своето крило и ми се ментори. Исто така и мојата фамилија и блиски пријатели се заангажирани и помагаат најмногу што можат и многу сум им благодарна за тоа-вели таа.
Изминатиов периoд почнаа со тест продажба и моментално нудат само приватна продажба.
-Во L&E вие сте дизајнерите на вашата чанта, вие бирате бои материјали комбинации, и ги адаптираме димензиите според вашите потреби. Нашата клиентка е софистицирана жена која напорно работи и многу патува, која мора да има сè при рака и да има место за сè, жена која е нон-стоп ангажирана на повеќе страни, која носи два телефона, компјутер, документи, која е постојано по автомобили, авиони, возови и која мора да има многу работи во својата чанта. Затоа нашите чанти се лесни, егрономично дизајнирани, да не влечат многу и да го повредуваат грбот, и имааат многу додатоци, за да олеснат со постојаното барање на работи. Но, исто така е жена која се грижи за тоа од каде и како се изработени моделите што ги купува, и исто така се грижи за планетата и експлоатацијата на животни. Затоа нашите чанти се нумерирани и потпишани од нашиот занаетчија, и не користиме ништо од животинско потекло-објаснува Лидиа.
Оваа е прво нејзино искуство специјализирано во чанти и модни додатоци. Претходно има градено кариера во женската мода. Но по 10 години искуство решила да излезе од модата и да одговори на специфични потреби, користејќи го своето знаење за модата и модните трендови. Запишана е на London college of fashion, посетува курсеви за женски чанти, за да го надополни своето знаење кое се надева дека ќе ја одведе до нови креативни начини да одговори на потребите на своите клиенти.
-Школувана сум во ESMOD Paris со специјализација – Woman’s ready to wear. Имам 10 години искуство во светот на модата, имам работено во Лондон, Париз и Хонг Конг. Имам работено за сите модни пазари, од high street до дизајнери, и имам основано бренд за европскиот и азискиот пазар. Но ова е првпат да лансирам креации сама, под своја марка. Затоа ми е потребна и важна поддршкта во овој конкурс. Три години го осмислувам овој концепт и се надевам дека публиката ќе може да го види и цени целиот труд.
Лидиа, со мали паузи во Лондон живее една декада, од кои последните три години престојуваше во Кина. Во своето Скопје се враќа еднаш месечно, за работа со ателјето и набавки кои ги прави локално.
-Но, исто така го ценам секој момент поминат со мајата фамилија и најблиски другари од детството, кои многу ми фаелеа додека бев во Азија. Што се однесува до продажба на моите креации во Македонија, ова сè уште не ми е главен пазар, но доколку има заинтересирани зашто да не! За цени и модели може да ми се обратат лично. Во моментов во мојата работилница изработуваме рамен паричник од пластифицирана хартија, кој ќе биде незабележлив во било која чанта, во кој покрај вашите пари ќе има простор за сите картички и документи. Со нетрпение го чекам првиот примерок за тестирање-вели таа.
Непосреден контакт со Лидиа може да се оствари на имејлот info@lebags.eu, на страницата на L&E на „Фејсбук“, или на „Твитер“ на @lebags.
1 коментар
Секоја чест на идејата и талентот. Ја поздравувам иницијативата и ти посакувам многу среќа во иднина.