Познатиот фотограф Дејвид Бејли ги овори вратите на Националната галерија на портрети во Лондон каде што ја постави својата ретроспективна изложба насловена „Ѕвездената прашина на Бејли“. Поставката содржи 250 дела вклучувајќи гламурозни модни фотографии и портерти на ѕвездите Кејт Мос, Џек Николсон, Мик Џегер и Џери Хол, но за контарст и на сосема обични луѓе фатени за време на неговите експедиции во Папуа Нова Гвинеја и Источна Африка. По повод ретроспективата на Бејли беше организирана забава на која се појавија 350 гости од светот на модата, филмот, музиката и уметноста, а изложбата за публиката се отвора од утре, 6 февруари и ќе трае до 1 јуни оваа година. Бејли на забавата се појави со својата четврта сопруга Кетрин, а меѓу гостите беа забележани Кејт Мос, Џери Хол, поранешната сопруга Мари Хелвин и други.
Препознатлив по црно-белите фотографии Дејвид Бејли кариерата ја почна во Лондон кон крајот на 50-тите години, првата насловна за Vogue ја објавува во 1961 година со тогашната супермоделка Џин Шримптон, следат портрети на музички ѕвезди од рангот на „Битлси“ и „Ролинг Стоунс“ и модни едиторијали за светските списанија. Покрај Шримптон, Бејли најмногу ќе соработува со манекенките Џери Хол, Мари Хелвин, Пенелоп Три, како и со актерката Анџелика Хјустон и дизајнерот на чевли Маноло Бланик кои во 70-тите работеа како модели. Во 60-тите беше во брак со актерската и модна икона Кетрин Денев, во тој период заедно со актерот Теренс Стамп и фотографот Брајан Дафи го опфатија и дефинираа она што се нарекува Swinging London, а неговиот живот послужи како инспирација на култниот филм „Blow Up“ на Микеланџело Антониони.
Нема коментари