Футуризам, слоевити комбинации, геометриски форми и спектакуларни креации со исторски референци претстави српската модна куќа „Мона“ на ревија што се одржа на сцената на Македонски народен театар, како дел од прославувањето на Денот на државноста на Србија. Ревијата беше дел од уметничко-културна програма и од свечениот прием организиран од страна на амбасадорот на Србија во Македонија Душанка, Дивљак Томиќ, почесниот конзул на Србија во Битола и модната куќа „Мона“, а на кој присуствуваа голем број на личности од политиката, јавниот и културниот живот.
„Мона“ ја претстави уметничката колекција „Ѕвездена капија“ инспирирана од победата во Големата војна, која засекогаш ќе се смета за херојски чин на Србија, а модно-уметничкиот спектакл го сочинуваат два сегмента „Света вода“ на Ана Лековиќ и „Силни оклопници“ на Кристина Гајиќ, двете долгогодишни дизајнерки на куќата и чести гостинки во Скопје.
Во креациите на Лековиќ доминираат геометриски, апстрактни форми и сината боја на Јонското море и од инспирацијата од стиховите од поемата „Сината гробница“ на Милутин Бојиќ. Покрај сината употребена во „Света вода“ употребена е црна и сива боја, а во колекцијата има долги фустани со футуристични елементи и невообичаени машки сакоа, асиметрични панели и кружни мотиви, корсетирани креации и необични појаси, патенти и нитни, предизмензионирани крагни и кожени јакни, а чантите повеќеаголни и впечатливи во формата и бојата.
Моделите на Гајиќ во „Силни оклопници“ се инспирирани од војнички оклопници и од поемата „Оклопници“ на Милан Ракиќ, содржат кубични форми во златна боја кои претставуваат директно олицетворение на современите воени сили. Покрај златна, среќаваме црвена во раскошните фустани, игра со големи околувратници, светкави ткаенини, и со асиметричните форми.
Модната куќа „Мона“ во Македонија е присутна 15 години и еден од омилените брендови на чанти, кожени додатоци и деловна облека на макеоднската публика. „Мона“ организира ревии повеќе пати во Скопје, некои од нив со интензитет на спектакл како „Ѕвездена капија“, како онаа посветена на Никола Тесла и една креирана врз идеите на Оља Иваницки. (К.Т.)
Нема коментари