Не треба да чекате да дојде нечиј роденден, нова година или пак 8 март, за да им подарите нешто на луѓето кои нешто ви значат. Напротив подарокот е најдраг, кога ќе дојде спонтано, без повод, без очекувања. Дури и кај оние кои тврдат дека „нема потреба да купувате ништо”, можете да ја видите скриената радост кога ќе добијат изненадување од саканата личност.
Персоналниот подарок е најдобар начин некому да ми кажете дека Ви значи, дека го сакате и почитувате, дека сте одвоиле посебно време само за да го најдете совршениот подарок за неа/него. Подароците исто така многу кажуваат и за самите подарувачи. Од нивниот избор се оценува нивната креативност, оригиналност и колку им значи личноста на која сакаат да и подарат нешто.
Подароците се најубави кога се персонализирани, кога се на линија на стилот и начинот на живот на личноста на која нешто и подарувате. Дури и научно е докажано дека подарувањето не’ прави да бидеме подобри личности, ги продлабочува нашите меѓусебни односи и емоции и ги произведува таканаречените “хормони на среќата” како што е ендорфинот.
Подароците во себе може да имаат и скриени пораки. На пример ако на вашата партнерка и подарите најнов кармин, истовремено праќате и многу сензуална порака, “имаш убави усни, кои секогаш сакам да бидат негувани и истакнати”. Или на пример накит, со него кажувате дека вашата партнерка е убава и дека сакате да го подигнете вашиот однос на повисоко ниво. Без обѕир на тоа дали накитот е скап или не, тој симболизира желба за трајно врзување. Книгата симболизира дека добро ве познава, поточно дека е убеден во тоа. Тоа би било точно доколку навистина ви ја „погоди“ книгата. Со цвеќето пак треба да бидете внимателни, бидејќи секоја сорта, боја и број на цветови носи различна симболика. Токму затоа црвените рози се незаменливи – кога сакате да покажете добра намера и љубов, со нив нема да промашите.
Но, подарокот не мора да дојде спакуван во кутија. Или не мора да чини богатство. Понекогаш доаѓа како добра мисла, како испишана порака за убав ден на огледалото во бањата со омилениот кармин, како спакуван појадок оставен на масата за партнерот, како масажа и добар филм по напорниот ден. Кога давате дел од себе на друг за да го усреќите, вие подарувате. Всушност, тоа е и дефиницијата за тоа што значи подарокот, па затоа искористете ги следниве неколку минути да размислите што би му подариле на некого кој ви значи. Сјај за уста за девојката со најтопла насмевка, микрофон за караоке за најгласниот во друштвото или шарен нотес за записите на вечниот авантурист?
Дури и да е она шише вино кое пропатувало десетици родендени и слави, и било оставано како резервен подарок, залепете му некоја своја порака и персонализирајте го.
Следниот подарок нека биде од срце!
Нема коментари