Годинешниот 26-ти меѓународен вински натпревар Мундус Вини донесе нов блескав успех за винарија Камник, со освоени пет златни медали, за пет различни црвени Камник вина. На овој престижен светски вински натпревар кој се одржа во Нојштад, Германија, учествуваа приближно 7500 примероци вина од 45 земји, а ги оценуваа 268 реномирани судии-експерти од 54 земји според системот на 100 поени и по принцип на слепо дегустирање.
За тимот на винарија Камник петте освоени златни медали значат супер-успешен почеток на 2020 година и силен креативен поттик. За својот успех тие велат: “Пет златни медали за пет различни црвени вина одеднаш, од еден навистина реномиран вински натпревар којшто е истовремено и светски репер за квалитет, е успех кој може само да се посака, и кој не е случаен. За нас ова е потврда на нашиот искрено вложен труд и претставува моќен стимул кој дефинитивно ќе нè инспирира и понатаму”.
Петте црвени вина на винарија Камник кои добија златни медали на овој мегапопуларен вински натпревар во Германија се Cuvée De Prestige 2017, Ten Barrels Syrah 2017 Reserva, Ten Barrels Cabernet Sauvignon 2016 Reserva, Signature Merlot 2017 Grand Reserva, Heritage Cabernet Sauvignon 2016 Grand Reserva. Заедничко за сите пет вина е дека се направени од внимателно селектирани гроздови за кои е применета претходна редукција на родот. Кај Ten Barrels Syrah 2017 применета е и методата на делумно просушување на гроздовите пред берба. Понатаму, секое од овие вина минало низ процесот на зреење во нови буриња од француски и американски даб помеѓу 12 и 30 месеци, што придонесува за нивната длабока рубин-црвена боја, богатството на интензивни ароми на темно шумско овошје проткаено со зачински тонови и вкусот кој е полн, хармоничен, со мека танинска структура. Нивниот потенцијал за одлежување во шише е повеќегодишен со што се обезбедува дополнително истакнување на нивните карактеристики.
Од портфолиото на винарија Камник, Heritage Cabernet Sauvignon 2016 e ново вино кое за првпат се лансира на пазарот токму сега. Станува збор за едно од оние вина кои се означени со сјајна метална етикета, како симбол за нивната посебност, бидејќи се прават само од одредени берби кои не се повторуваат секоја година.
Нема коментари