Балансот е клучната компонента при градење на препознатлив и соодветен стил за во канцеларија. Како да бидете елегантни, а впечатливи, едноставни, а свои. Трикот лежи во рамнотежата меѓу класичните парчиња со едноставни кроеви и умерени тонови, од една страна, и од друга страна, со креации со кои модно ќе отскокнувате од униформираната средина.
Со животинскиот принт, кој оваа сезона е доста актуелен, дефинитивно ќе отскокнете од средината. Но тој е еден од ризичните модни компоненти, кои доколку не ги избалансирате, може да изгледате смешно, нападно и крајно несоодветно за на работното место. Правилата постојат за да се прекршат, но во овој случај со умешно и дозирано комбинирање.
Како да ги вметните актуелните омилени модни парчиња со животински принт во својот имиџ за во канцеларија? Пред сè внимавајте со што или со какви тонови и шари го комбинирате. Избегнувајте комбинација со уште еден модел со животински принт, или со премногу впечатливи шари, цветови, апстракни дезени или повторливи принтови. Најдобро е да го носите со некоја креација со умерен тон или од палетата на базични бои, како црна, бела, сива или крем.
Доколку се одлучите за палто, капут или мантил со ваква шара, носете ги со црна основа, или со долен еднобоен дел, здолниште или панталони, кои нема да отскокнуваат, ниту ќе му контрираат на палтото со својата шара и боја. Изберете еднобојна чанта, не мора да е црна или бела, коже да носите и темноцрвена, темнозелена, темносина, портокалова, па дури и жолта.
Ако со животински принт е вашето здолниште, важно е каква е неговата должина и форма. Најпрепорачливи се миди здолништата до под колена, без разлика дали се широки или тесни, молив варијанти. Може да изберете и креација на преклоп, исто така со должина до или под колена. За невкусни се сметаат кусите здолништа во ваква шара, но и долгите шарени здолништа исто така не се препорачиваат. Панталоните со животиснки принт треба да бидат со модерен крој и во комбинација со еднобојна кошула, џемпер или блуза. Одлично ќе одговара со крем мантил или со црно палто.
Модните детали со животински принт се применливи во изгледот за во канцеларија, но исто така избалансирано и дозирано. На пример, изгледот може да го зачините со чевли со леопардов принт, или со зебра шара. Секако внимавајте и на целосниот впечаток, од изборот на фризура, накит, шминка, сите тие може негативно или позитивно да влијаат ва општиот впечаток кога носите модни парчиња со животински принт.
Нема коментари