Ревијалниот дел на дванаесеттото издание на Моден викенд-Скопје стартуваше со дебитантот Игор Марков со колекцијата Prêt-à-porter féminin de luxe, спој на вечерни изгледи, светкави ткаенини, жар црвена боја и нагласени луксузни решенија. Тој претставува разновидни креации, широки панталони, сакоа, фустани во разни форми, транспарентни и мрежести парчиња, корсетирани модели. Се забележуваат референци на гламурот од 70-тите и сексапилот од 80-тите, а највпечатлив дел е играта со кроеви и конструкција на женскиот костим, односно сакото и елекот. Тој ги претставува на нов начин, преку асиметрија, со транспарентни елементи, раскршени кроеви и со специфични големи процепи во задниот дел од сакоата. За дизајнерот сакото може да биде и фустан од златна ткаенина и со изразено деколте, или пак сако/фустан/наметка од кадифе и со блескави копчиња. Марков ја позиционира колекцијата за модерни и урбани жени со став, па им нуди луксузни вечерни предлози во кои, како што вели самиот, може да се забележат елементи од египетска култура, готика, рокенрол, диско и сè она што за него претставува гламур. Дизајнерот Марков како некој што првпат се претставува на самостојна ревија, храбро си игра со кроевите и претстави, за македонски услови, пообемна колекција од 23 комбинации.
Нема коментари