По неодамнешната промоциите на Fashion week Serbia и на Моден викенд-Скопје младата дизајнерка Ирина Тошева утре меѓу 12 и 20 часот ќе ја претстави својата колекција есен-зима 14/15 во Lotus Design Store во „Скопје сити мол“. Покрај презентацијата на моделите од колекцијата маречена „Зебра”, посетителите во концептуалната продавница ќе имаат можност да го погледнат и модниот едиторијал за оваа колекција изработен од фотографот Миладин Паповиќ, но и да поразговараат и да добијат модни совети директно од дизајнерката.
Инспирацијата за својата најнова колекција, Тошева ја добила од потребата да се истакне индивидуалноста во урбаната џунгла во која што динамично живееме. Таа индивидуалност, Тошева ја прикажува преку вметнувањето на уникатната и динамична зебра во своите креации.
-Зебрата ни открива дека колекцијата е наменета за оние кои се во постојано движење и имаат желба да се разликуваат од околината. Токму тие умеат да ги слушнат своите инстинкти и да изгледаат онака како што се доживуваат одвнатре, а со тоа да го освежат сивото зимско опкружување-вели Тошева.
Посетителите на настанот во Lotus Design Store ќе може да погледнат селекција на машки и женски модели од колекцијата на Тошева, изработени од памук, сомот и волна во палета од повеќе бои, кои се карактеризираат со презицен крој, одличен квалитет на материјалот и оригинален пристап во дизајнот.
Со овој настан, концептуалната продавница Lotus Design Store продолжува со промоцијата на македонските дизајнери и брендови. Овој концепт на претставување на различни дизајни пред македонската публика Lotus Design Store го започна во октомври, а ќе се одвива до крајот на овој месец.
Нема коментари