Десет изведувачи од шест различни држави ќе настапат на фестивалот за нова музика „Здраво млади“ , кој по седмипат ќе се одржи утре (10. јуни, сабота). Оваа годинаконцертите ќе се одржат на две бини во и пред Младинскиот културен центар-Скопје. Вратите за посетителите се отвораат во 19:15, а програмата започнува точно во 20 часот. Распоредот на настапи е следен: На бината надвор во 20 часот ќе настапи The Underground Youth, во 21 K-X-P, 22:45 SLOWDIVE и 00:40 King Khan And The Shrines. На бина внатре концертите почнуваат во 22часот со Kite Base Dis-Patch Throwback програма 23:30 Wo0, 00:20 Demek, 01:00 KREIDLER, 02:10 Tapan, 03:20 33.10.3402 + DJ Moodswinger (intermezzo DJ)
Slowdive (Англија) се вистински легенди за генерациите што растеа со инди музика на крајот на 80-те и во 90-те. Бенд, кој со сета своја раскошност е вграден во темелите на она што подоцна ќе стане популарно како Shoegaze.
King Khan & The Shrines (Канада), хиперсексуален гараж-панк од Канада виа Берлин.
Kite Base (Англија) класичен инди став и песна врз електронски ритам. Ова е side проект на басистката на Savages.
The Underground Youth (Англија), манчестерски психоделичен пост-панк бенд, кој е најтопло препорачан да се види во живо.
K-X-P (Финска) се електронска, транс-рок-фри џез атракција од Хелсинки, која се карактеризира со костимиран и неверојатно енергичен жив настап.
Kreidler (Германија), еклектична дистописка авантура.
Tapan (Србија) доаѓа од Белград и е нетипичен техно/електронски бенд, кој синтетизира ориентализам и џез импровизации.
Demek (Македонија) е скопско, пост-пост комбо, кое се одликува по мешање на различни жанрови и тоа не само од музички карактер. Вистинска постколонијална егзотика.
WoO (Србија) невозможно за стилска определба, тие носат таг на опскурно среќна музика.
33.10.3402 (Србија) е белградски изведувач на окултни модуларни сонични колажи.
Програмата е курирана од страна на селекторот на Dis-Patch фестивалот од Белград, Реља Бобиќ. Билети за фестивалот се продаваат преку МК Тикетс, Купи Карти За Сѐ и на Билетарницата на МКЦ. До денеска (9. јуни) до 21:00 чинат 600 денари, а на денот на фестивалот (10. јуни) билетите ќе чинат 800 денари.
Нема коментари