Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ по четврт пат го организира „Вегефест“, фестивал со кој сакаат да го свртат вниманието кон најобесправените, речиси невидливи битија на овој свет – фармските животни. Настанот е закажан за утре, 15 ноември, со почеток во 11 часот, во скопскиот хотел „Континентал“. На програмата се циклус предавања, готвење во живо, забавна и детска програма. Влезот е бесплатен.
-Секојдневно искористувани, свирепо убивани за храна, мода и профит, лишени од слобода и од можност нормално да живеат според карактеристиките на својот вид, овие сетилни битија во модерното конзумерско општество се сведени на продукти и предмети, безгласни робови на кои им е одземено достоинството, одгледувани и размножувани во ужасни услови, деградирани до болка, со една единствена цел – свирепа непотребна експлоатација. МОЖЕ ДА ЖИВЕЕМЕ И ПОИНАКУ . Со „Вегефест“ се обраќаме на совеста на сите, повикуваме на сочувствителност, хуманост и разум, повикуваме да му дадете шанса на животниот стил без насилство, почнувајќи од својата исхрана. Со овие мали чекори можеме да направиме големи и значајни промени за подобро на сите: животните, луѓето, екосистемот и планетата земја. Нашиот апел до секој еден е да не биде пасивен конзумент и да го бојкотира и осуди насилството врз животните со тоа што ќе ѝ даде шанса на веге исхраната.– велат од „Анима мунди“.
Нема коментари