Завршницата на секое доделување на филмските награди „Оскар“ е во знакот на прогласување за најдобар филм како главна награда, на овогодинешното доделување во финишот беше направена збрка и наместо победникот „Месечевата светлина“ (Moonlight), презентерите Ворен Бити и Феј Данавеј направија грешка, ја прочитаа информацијата од погрешен плик и објавија дека „Ла ла ленд“ е најдобар филм. Откако тимот на „Ла ла ленд“ се качи на сцената да ја прими златната статуетка и започна да се заблагодарува, воочено е дека е направена забуна и „Месечевата светлина“ е прогласен за најдобар филм на 89-тото доделување на „Оскар“.
Сето ова предизвика непријатност кај тимот на „Ла ла ленд“ кој оддеднаш се најде на сцена со вистинскиот победник, а по целата збрка и мешаница продуцентот Џордан Хорвиц откако го покажа вистинскиот плик со името на вистинскиот победник, ја предаде наградата на творците на „Месечевата светлина“. Според американските медиуми ова е прв пат во историјата на „Оскарите“ да се направи грешка при читањето на победникот во оваа категорија.
„Месечевата светлина“, приказна за растењето и справувањето со светот на едно младо црно момче од Мајами, е првиот филм од независната продукција што е добитник на главната награда на „Оскар“, а еден од актерите на филмот, Махершала Али, е првиот Муслиман прогласен за најдобар во категоријата машка споредна улога.
Филмот „Ла ла ленд“ кој со 14 номинации се сметаше за најголем фаворит на овогодинешните „Оскари“, во конечницата освои 6 статуетки, од кои Демјан Шазел доби награда за најдобар режисер, со што стана најмладиот режисер што победил во оваа категорија, а Ема Стоун е најдобра актерка за улогата во овој мјузикл. Во категоријата за најдобар актер победи контроверзниот Кејси Афлек за „Манчестер покрај море“. Инаку Афлек не е толку омилен меѓу публиката поради судењето за наводни повеќекратни сексуални напади. Виола Дејвис е најдобра актерка во споредна улога за „Огради“. Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е иранскиот „Продавачот“ на Асгар Фархади, кој не се појави на доделувањето на „Оскарите“ поради забраната на Доналд Трамп за влез на Муслимани во САД, а повеќето филмаџии од Холивуд пратија повеќе политички пораки со критика на работењето на актуелниот американски претседател.
Нема коментари