Краткометражниот филм „Љубовникот”, снимен во манирот на старите неми филмови по сценарио и во режија на Игор Иванов Изи, а во продукција на „Скопје филм студио”, е во завршна фаза на пост-продукција. Филмот пред неполни два месеца беше снимен на локација во Скопје во населбата Карпош 2, каде што со креативна сценографија, костимографија и приод на камерата беше создаден автентичен амбиент за работа на нем филм од 30-тите години на минатиот век. Речиси како низ машина за времеплов е постигнат ефектот на незвучен филм, а актерската игра со препознатливата нагласена гестикулакција својствена за немите филмови шармантно ни пренесува приказна за еден љубовен триаголник. Оваа нетипична филмска авантура за актуелното време има амбиција да потсети на филмската естетика од минатото, на големината на подвижните слики независно од тонот, и гледано од денешен аспект, гледачот да ја види таа сензација и натаму како свежа филмска форма. За оваа намена филмот е снимен со 18 квадрати во секунда. Улогите ги толкуваат Игор Ангелов, Наталија Теодосиева и Сашо Петровски. Кинематографери на филмот се: доајенот на македонскиот филм Драган Салковски, Дејан Димески и Томи Салковски, костимограф е Емилија Атанасовска, монтажата е на Владимир Павловски, а продуцент е Томи Салковски. Филмот е во продукција на „Скопје Филм Студио“, а истиот е поддржан од Агенцијата за филм на РМ. Во историјата на немите филмови фактографски се појаснува дека нем филм претставува филмска снимка што не содржи звучен запис. Јавното изведување на овие филмови е речиси секогаш проследено со музика. Немиот филм е настанат кон крајот на XIX век во Западна Европа и САД. Технологијата на снимање и репродукција на звукот настанала пред настанокот на првиот нем филм, но сè до 1920 година не постоеле погодни методи на синхронизација на визуелните и аудитивните записи на филмската лента. Затоа, заедно со некои експериментални исклучоци, сите дотогаш снимени филмови биле неми. Овој период е познат како ера на немиот филм, која завршува во 1927 година, кога е направен и прикажан првиот комерцијално дистрибуиран звучен филм, „Џез-пејачот“. Поголемиот дел од долгометражните неми филмови снимени во САД исчезнале во изминатите сто години поради негрижа, па оваа оригинална уметничка творба на XX век е пред изумирање. Филмовите во кои играле раните ѕвезди – Бастер Китон, Чарли Чаплин и Мери Пикфорд и понатаму постојат. Музејот на модерна уметност во Њујорк, Конгресната библиотека и другите архиви со децении ги чуваат раните филмови, но студијата предупредува дека на секој еден класик што е сочуван, исчезнуваат шест. Од големите филмски студија, МГМ работи на зачувување на немите филмови и инвестираше во филмската библиотека зачувувајќи 113 неми филмови продуцирани или дистрибуирани од МГМ.
Нема коментари