„Најдоброто модно шоу е на улиците, секогаш било така и така ќе остане“ сметаше Бил Канингам, легендарниот њујоршки фотограф кој почина во саботата на 87-годишна возраст. Харизматиниот творец на уличната модна фотографија скоро до последен момент правеше фото-хроника на стилот на улиците за својата колумна On the Street во престижниот весник New York Times. Скоро до последен момент секое утро се качуваше на својот велосипед, облечен во сина јакна и со фотоапаратот закачен околу вратот ги шеташе улиците на Њујорк во потрага по ликови со изграден и впечатлив стил.
Години и децении пред Скот Шулман (The Sartorialist) и Иван Родич (Face Hunter), многу пред интернетот и блогерите, постоеше Бил Канингам, човекот кој ја создаде уметничката форма на модната улична фотографија. Со право се смета за оригинален фотограф на улична мода, и секако личност кој њујоршките улици ги претвори во модна писта. Низ својот објектив ја раскажа визуелната историја на Њујорк во последните четири децении колку што фотографираше за New York Times, а со белешките од улицата комплетно го смени сфаќањето за модна фотографија.
На You Tube може да го гледате документарниот филм Bill Cunningham New York
„Не ме интересираат познатите и нивните гратис-фустани, ме интересира облеката“, вели Канингам во документарниот филм посветен за него Bill Cunningham New York, снимен во 2010 година. Не му беше важно дали се богати и познати, или обични минувачи на улиците на Њујорк, дали носат скапоцена или евтина облека, важно му беше личностите пред својот објектов имаат смисол за стил. Покрај анонимните ликови, редовно ги фотографираше влијателните во модата, а Ана Винтур во документарецот вели дека ја следел скоро цела нејзината кариера.
Роден во 1929 година во Бостон, Канингам во 1948 ги напуштил студиите на Харвард и се преселил во Њујорк, каде што работел како дизајнер на шапки и во полето на адвертајзинг, пред да замине во американската армија. По епизодата со армијата се враќа во Њујорк, каде што почнал да пишува модни текстови за Chicago Tribune. Наскоро се префрлил на фотографија, и едноставно почнал да фотографира луѓе на улица. Во перидот од 1968 и 1976 година направил серија на фотоесеи на модели облечени во историски костими и фотографирани пред историски места, а во 2014 година New-York Historical Society објави фотографии што Канингам ги направил многу пред да знаеме што е улична фотографија. Сите во модниот бизнис го познаваа Бил. „Повеќе од било кој друг во градот, тој ја има целата визуелна историја во последните 50 години во Њујорк. Тоа е вкупниот опсег на модниот живот на Њујорк“, изјави своевреме дизајнерот Оскар де ла Рента“.
Канингам четири децении работеше за New York Times, но имаше авторско право на своите фотографии, како и право сам да одлучува кои фотографии ќе бидат објавени и ако ќе изгледа колумната. Живееше на малку невообичаен начин – во мал стан истовремено и негово ателје во згрдата на Карнеги Хол, станче без купатило и кујна и преполно со фиокари и ормарчиња со негативи. Не го интересираа скапоцените работи, сметаше дека парите се најевтината, а слободата најскапата работа во светот.
По веста за смртта на Канингам се огласија градоначалнкот на Њујoрк Бил дe Бласио, уредниците на New York Times, бројни модели, фотографи дизајнери и суперѕвезди. „За кого сега ќе се облекуваме?“, прашуваат Њујорчани.
Нема коментари