На минатонеделното доделување на Британските модни награди еден од највпечатливите модни моменти беше фризурата на актерката и некогашен модел, Роузи Хантингтон Витли. Залижаната коса, која можеби повеќе потсетува на имиџ што треба да се носи во летнот период и на плажа, сепак е најголемиот предновогодишен хит меѓу ѕвездите. Наназад исчешланата, замастена или мокра фризура повеќе се поврзува со машкиот изглед, но очигледно има одличен прием кај дамите и ја истакнува женственоста.
Фризерот на Роузи, Џорџ Нортвуд, кој се погрижи атрактивната девојка да изгледа моднерно на сите нејзини појавувања на црвениот килим изминатите неколку сезони, објаснува зошто се одлучиле за оваа фризура на Британските модни награди.
- Роузи сакаше архитектонска форма на косата, што ќе ги дополнува чистите линии на целосниот имиџ. Овој фризерски стил е позајмен од ревиите на „Прада“ од пред неколку сезони, но ние го средивме со сјаен финиш, што е спротивно на влажни изглед, кој е многу поекстремен. Мислам дека така треба да изгледа една вечерна модерна фризура, залижана, без притоа од нејзе да се цеди вода или восок. Помалку е повеќе-вели Џорџ.
На прашањето како ја изведе фризурата, тој открива дека подготовките почнале уште кога косата била мокра, тазе измиена. Нанесол спреј за сјајна коса, з потоа со фен и со чешел со густи запци ја чешлал и сушел наназад. Мазнењето го постигнал со рачката на чешелот. Откако косата била сува ја финиширал со уште малку лак.
Фризурата изгледа елегантно, модерно и скулпторски. Лесна е за изведување, а нема да се грижите дали ќе се измести во текот на ноќта. И самиот фризер вели дека убавината лежи во тоа што со нејзе може да се покажат шминката, накитот и убавите контури на лицето.
Со залижаната коса на црвениот килим изминативе неколку месеци ги видовме Рита Ора, Џенифер Лоренс, Мајли Сајрус, Кара Делевињ. Се имаат појавено и Клер Дејнс, Меган Фокс,Кери Мулиган и Лејтон Местер. Леа Мишел, која е една од промотерите на овој изглед, со ваква фризура се појави и на насловната страница на Elle.
Кај нас оваа фризура ја промовира топ-моделот Катарина Ивановска, а беше применета и во стајлинзите на манекенките на ревијата на Никола Петровски на есенското издание на Модниот викенд-Скопје.
Нема коментари