„Човек, фабрика, помеѓу” е насловот на изложбата на дизајнерот на накит од дрво Глигор Кузмановски, што ќе биде отворена на 15 декември во „Концепт 37“ со почеток во 20 часот. Ова е втора самостојна изложба на креативецот, по успешната постановка „Дрвени приказни”, што во истиот локал се одржа минатата година. Кузмановски направи и промотивна фотосесија за колекцијата со Ана Лазаревска (АНЕМОНЕ), а како модели се јавуваат Марија Николовска и Tanja Ooae. За комплетното визуелно и звучно доживување на отворањето во арт-кафе „Концепт37“ ќе се погрижи Доротеј Нешовски, кој е задолжен за видеата и за музиката. Проектот „Човек, Фабрика, Помеѓу” е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Љубовта кон давање нов живот на парчето дрво кај Глигор се развила уште во раното детство, кога сам си ги изработувал играчките. Во тинејџерските денови почнал да креира накит со првите монисти. Дизајнира прстени, алки, ѓердани, обетки и брошеви од дрво со уникатен дизајн. Најчесто како материјал го користи оревот, но некогаш употребува и дрво од смоква, цреша. Покрај самостојната работа како дизајнер на накит има остварено и соработки со модните креаторки Росица Мршиќ (на две нејзини колекции: есен-зима 2011/12 и пролет-лето 2012) и со Силвија Михајловска од „Алшар“ (колекција есен-зима 2014).
Кузмановски, кој има дипломирано Историја на уметност со археологија, често учествува на базарите, групните изложби, поп-ап продавниците и хуманитарните настани кај нас. Има претставено свои скулптури во Музејот на Свети Николе (2007) и Мала Станица (2008). Имаше заедничка изложба на накит со својата колешка Елена Ристовска во рамките на „Поетски ноќи- Велестово“ (2011). Беше дел од групната постановка „Накит на метро” во МКЦ (2012), а колекцијата „Вулкан” ја претстави на Неделата на дизајн во Скопје, истата година. Во 2013 година учествуваше на „Мода за понети” во „КЦ Град“ во Белград, колекцијата The sea inside ја претстави на групна изложба во Музеј на македонската борба. а . Оваа година беше дел од поп-ап продавницата во кафе-бар „Цреша“. Годинава се претстави на продажната изложба на манифестацијата „Прво па женско“. Глигор ја изработи и статуетката за најдобра манекенка на наградите на Stylist.mk доделени по пролетното издание на Моден викенд-Скопје 2014 година.
Нема коментари