Урбаниот моден сајт „Скопје се носи“ ќе го прослави својот втор роденден в петок, 13 мај, со забава во кафе-бар „Синдикат“. Журката ќе почне во 21 часот, а за музиката ќе биде задолжен диџеј Flooder.
-Официјално, 730 дена, полни две години, заокружени на 9 мај! Поради општествени и социјални дигресии, состојби, маратон, а со тоа и апстиненции, недостаток на време и ред други дрангулии, натенане и мерачки ќе го прославиме роденденот на, божем, баксузен, 13-ти, петок. Баксуз, пффф…лажги со опашки, вторник е всушност денот на ужасот! Петок си е петок, па што сака нека е! Особено, роденденски-велат скопјанките Ана Чаловска и Елена Везенкова, кои стојат зад сајтот.
„Скопје се носи“ беше промовиран на 9 мај 2014 година во Младинскиот културен центар во рамки на Super Design Pop-Up Storeе. Станува збор за веб-збирка со модни приказни за урбаните градски фаци. На сајтот се појавија неколку десетици интересни личности, кои се актуелни, но не многу експонирани. Меѓу нив има поеднинци што активно се занимаваат со мода, како и ликови што немаат професионална допирна точка со нејзе, но приватно негуваат интересен стил, кој вреди да биде забележан.
Ана и Елена велат дека при изборот на своите соговорници првиот критериум им е тоа да бидат „инспиративни личности, кои со својата аура веднаш се издвојуваат во толпа“. Се стремат да опфатат разноврсни профили и возрасти, зашто секој е „приказна“ за себе… Не станува збор за класични интервјуа. Едноставно ги оставаат луѓето да зборуваат за она што најмногу го сакаат и за нештата во кои самите тие си се препознаваат. На мета им се повеќе луѓето со кои го делат секојдневието, интересите, забавите, да ги доловат круговите во кои се движат и актуелните случувања. Иако се големи познавачи и вљубенички во модата, Ана и Елена по професија се филолози. „Скопје се носи“ е плод на нивните приватни интереси, естетиката, специфичниот вкус и почит кон уникатниот стил. Велат дека ја следат модата, „можеби не толку свесно и не опсесивно, туку како по некоја инерција“. Во тек се со актуелните трендови и ја имаат генералната претстава за моменталната ситуација и новитетите во модниот свет.
Покрај стилските профили на различни личности, на сајтот во рубриката „Ана се носи“ може да се погледне и личен, блоговски осврт кон креации и комбинации што ги носи Чаловска.
Нема коментари