Еден моден предмет кој долго време се смета за класика и константна во модата – мантилот, идеален е за променливо пролетно време. Претставува едно од базичните модни парчиња и се претпоставува дека е дел од гардеробата на повеќето жени (и мажи). Мантилот е дел од модата уште од 19 век, првенствено наменет за британските и француските војници, подоцна се интергрира во секојдневната облека, прво во машката, а потоа и во женската гардероба.
Овој моден класик секоја сезона доживува благи или драстични промени во однос на кројот, но секогаш во мода е класичниот модел во беж боја, кој со децении им пркоси на сите нови модни трендови. Во однос на мантилите со дизајнерски потпис, се извдојуваат моделите на Барбери, кои повеќе од еден век се заштитен знак на оваа британска модна куќа. Но мантили во разни свои верзии ќе пронајдеме скоро со сите дизајнерски колекции и во понудата на хајстрит-брендовите.
Препорака е да инвестирате во класичен модел на мантил во беж боја, бирајте квалитетно изработен модел кој што ќе можете да го носите повеќе години, не само во пролет, туку и во есенската сезона. Класичнот модел никогаш не излегува од мода, се менуваат трендовите на останатите модни парчиња што ќе ги комбинирате со мантилот. Одговара на разни дневни и вечерни пригоди, со минималистички или поексцентрични стилови. Последниве сезони актуелни се предимензионирани мантили, кои добро се комбинираат со фармерки, патики и обична маица, со долги широки панталони и сандали со ремчиња, врз елегантен фустан или деловен костум, со широка кошула или блуза на пруги…
Нема коментари