Американски Vogue на својата интернет страница објави напис во кој објаснува зошто Македонија станува нова дестинација за гурманите и место кое треба да се посети за да се вкуси традиционална и здрава храна. Македонија според авторката Клер Волкман е место кое неправедно се прескокнува како туристичка хит дестинација како што се Хрватска и Црна Гора, за што можеби е крива и местоположбата и близината со Србија и Косово кои Западњаците ги избегнуваат сметајќи ги за ризични. „Што е тажно, со оглед на пејсажите кои го одземаат здивот од убавина, луѓето кои се едни од најгостопримливите во светот, и храната која е една најпознатите во Европа како „храна што нуди утеха“. Без разлика каде и да одите, секој оброк е направен со страст и љубов, без разлика дали тоа е во дупка-во-ѕид во центарот на Скопје или во дневната соба на еден земјоделец во некое локално село. Не само тоа, фокусот е целосно ставен на квалитетот, што значи сè е направено од почеток, без адитиви и конзерванси на кои сме навикнати во западната храна“, пишува авторката.
Во написот таа разговара со неколку соговорници, со Тефик Тефикоски, сопственик на „Хотел Туто“ во село Јанче, кој е зачетник на slow food правецот во Македонија, и со Јане Јосифовски, основач на Macedonia Experience и водич на Intrepid Travel кои организираат гастрономска тура низ Македонија, како и со Нацо Јовчевски, пчелар и произведувач на органски мед од село Дихово, исто така дел од slow food движењето, и со Горан Мицкоски, сосптвеник на пансион и ресторан „Плевна“ во Куратица.
Гастрономската приказна е раскажана преку соговорниците и се осврнува на традиционалниот начин на хранење, често базиран на органски продукти и slow food принципот. „Овој стил и концептот на органско земјоделство и производство на храна во мал обем отсекогаш бил тука применуван. Ова го правиме со години, повеќе од 10 години колку што е движењето за slow food овде признато“, вели Јосифовски.
Тефикоски го пречекува тимот на Vogue во својот хотел во Јанче. Тој по дваесетгодишна работа во Италија се враќа родното место и во 2006 година го отвора хотелот и го основа македонскиот дел од интернационалното двење за slow food, создадено за да се зачува и да се нагласи регионалната и локалната кујна во целиот свет. Целите се едноставни, поттикнување на одржливоста и земјоделството, промовирање на локалните бизниси, славење на наследствоto и едуцирање на потрошувачите за штетите од пестициди и од брза храна. Тој подготвува и служи оброци по традиционални и рецепти на мајка му.
“Кога зборуваме за slow food, зборуваме за нормален живот на секој Македонец, slow good не претставува само храна, туку и животот на луѓето кои живеат тука, и нивната страст за традиција“, вели Тефик.
Во написот на Vogue се вметнати повеќе фотографии од традиционална македонска храна и оброци, разни пити и кифли, тавче гравче, полнети пиперки, пржени тиквички и модар патлиџан, печени пиперки со лук, макало, и накратко се објаснети ајварот и пинџурот . Се споменува и влијанието на туркската храна, како резултат на вековната турска окупација. Неколку пати се нагласува климата, природните состојки кои овде растат, како органскиот и природен начин на живот.
„Додека светот сè уште интензивно се обидува да ја врати органската храна во гастрономијата, руралните средини во Македонија и тукашните домаќинствата тоа го прават со децении. Овој концепт на „старата школа” им дава на нашите земјоделски производи полн вкус. Го прави секој зеленчук и овошје посочно, месото посвежо и помеко. Некои од нашите јадења можеби не изгледаат убаво, но се вкусни и здрави“ вели Мицкоски.
Авторката на крајот предлага неколку места за посета како рестораните „Чардак“, „Камин Чамо“ во Скопје, „Далга“ во Охрид“, Хотел Туто“ во Јанче и винаријата „Стоби“.
Адаптација: Stylist.mk
Оригиналниот текст е на следниов ЛИНК.
Нема коментари