Девет артистички модни фотографии од младиот и перспективен македонски фотограф Виктор Наумовски се објавени на интернет страницата на италијанското онлајн издание на модниот магазин Vogue. Фотосесијата наречена We Know What You Are Hiding (Знаеме што криеш) е реализирана во соработка со креаторката Рејчел Чеонг. Колекцијата се однесува на прикривањето на најдлабоките, најтемни тајни. Во оваа серија на фотографии, двајцата креативци ја раскажуваат приказната преку порцеланска кукла, како медиум за криење, во прилично девијантен манир. Деформацијата на телото и референтните елементи на класичниот хорор се спакувани во таинствена шарена приказна. Асистент на фотосесијата е Есперанца де Врис, а како модели се јавуваат Себастијан Шон, Сјорс Берендон, Мари Јанева, Хуилин Ши и Фиренс Марсо-Лафлер.
-Сè започна преку Инстаграм. Уредничката на фотографии на онлајн изданието на Vogue Italia го следи мојот профил веќе подолго време. Таа ја забалежала една од моите фотографии од овој фотопроект кој го снимивме во јуни. За неколку часа добив нотификација дека профилот на фото-уредничката ја репостирала истата фотографија и нè „тагнала“ мене и девојката со која што соработував за костимите. Така почна комуникацијата во врска со проектот. Истово лето, од први до 10. јуни имав изложба преку FOAM Museum vo Arles, Јужна Франција, каде што разменивме мислења и ја продолживме комуникацијата. Откако се вратив го испратив проектот, по што следеше преговарње преку интернет во врска со финалната селекција и датата за објавување. И еве нè- неколку месеци покасно едиторијалот е објавен во Vogue Italia- ни изјави Виктор.
Тој во моментиов живее, се образува и работи во Хаг, Холандија. Додека ја подготвуваме оваа објава ни откри дека оваа недела го очекува и отворање на две негови изложби во Амстердам.
-Откако дојдов во Холандија се збогати моето потфолио и почна да се развива во поконцептуална, рефлективна и аналитичка насока. Моментално мојата работа како уметник се состои од истражување како различните медиуми (видео, фотографија, перформанс) може да се поврзат, да комуницираат и да го пренесат мојот концепт, мислење и идеја на мојата публика. Деновиве подготвувам паралелно две групни изложби со кои ќе се претставам на Unseen Photo Festival во Амстердам, една преку Krummer&Herman, а друга преку германскиот магазин Der Greif. Двата проекти , вклучувајќи го и овој проект од Vogue, иако имаат референци и сегменти што ги поврзуваат, сепак сите три дефинитивно покажуваат различна страна од мојата работа. Мислам дека имам многу голема среќа што толку рано ми се отворија овие шанси , и ми покажуваат дека како уметник дефинитивно не треба да се ограничувам со одреден медиум, работа, целна група или пазар. Преку ова сум поттикнат да продолжам да експериментирам и да сум слободен да растам и да се развивам, и да покажам секогаш различен дел од себе преку мојата работа- вели тој.
Виктор Наумовски, кој е роден во во 1996-та, првите фотографски обиди ги направил на 13 години. Во 2015 година, по својата прва самостојна изложба во Скопје се пресели во Хаг, Холандија, каде што во моментот е студент на фотографија на Кралската академија за уметност. Истражувајќи теми како што се интимните врски, истражување на себе и улогата на документацијата, Наумовски ја оспорува поделбата помеѓу она што е конвенционално познато како факт и фикција, преку составните наративи и конструирање на ликови. Неговото дело е прикажано како повеќеслоен дискурс помеѓу различни медиуми, како што се перформанси, фотографија и видео. Ова не епрва објава на негови фотографии во Vogue Italia. Претходно на онлајн изданието на познатиот магазин се најде негов портрет со познатата македонска манекенка Елена Реи.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари