Во септември 1990 година поранешна модна уредничка во италијански Elle Карла Созани, во една конвертирана гаража на адресата 10 Corso Como во Милано ја отвори Галерија Карла Созани, изложбен простор наменет за дела од доменот на фотографија, уметност и дизајн. Заедно со својот деловен и интимен партнер, американскиот уметник Карл Рус, Созани во следните 23 години ќе ја трансформира галеријата во простор со комплетна животна философија неискусени претходно. Галеријата уште во првата година ќе биде збогатена со книжарница, па потоа со продавница за модни и дизајнерски парчиња, наскоро во градината е отворено кафуле, а денес во склоп на комплексот 10 Corso Como постои и мал бутик-хотел. Всушност, ова е просторот во кој се роди концептот за концептуална продавница.
Динамична и со младешки дух, Карла исто како и нејзината сестра Франка, долгогодишна главна уредничка на италијанското издание на Vogue, преку својата работа го смени светот на уметноста, модата и дизајнот во современиот италијански начин на живот. Во својот концептуален простор Карла сврзува шопинг и гастрономско уживање, но на начин поинаков од конвенционалното купување мода и јадење по ресторани. Во 10 Corso Como се промовира и практицира нова маркетиншка философија на бавно купување, како спротивност на брзото и хаотично шопингување во хајстрит-продавниците и големите стоковни куќи. Оваа концептуална продавница стана нексус на глобалната мрежа на културна размена преку модата, храната, уметноста и фотографијата. 10 Corso Como отвори нов термин во речникот за меѓународен стил во 21 век, а во последниве неколку години се прошири со свои простори во Токио, Шангај и Сеул.
Нема коментари