Актерка, писателка, основачка и уредничка на Rookie, младата Тави Гевинсон се проби како една од пионерите на модното блогерство кога имаше само 11 години. На својот блог Style Rookie понуди поинаков поглед на модата преку нејзините шаренолики стајлинзи и смели коментари на модните трендови, а Тави набргу почна да интервјуира познати дизајнери како Реи Кавакубо, си загарантира место во првиот ред на големите ревии, се дружеше со Ана Винтур и Карл Лагерфелд и сега на 18 години пишува за Elle и за други публикации. Уште како средношколка блогот го трансформира во онлајн-магазинот Rookie и еднаш годишно издава принт-верзија. Во меѓувреме почна да глуми и се појави во неколку филмови и на Бродвеј.
Во моментов Тави живее во Њујорк, во стан што го дели со фотографката Петра Колинс. Вели дека сè уште ги нема истражено сите њујоршки скриени тајни, бидејќи е посветена на својот настап на Бродвеј. Осум пати во неделата настапува во претставата This is Our Youth покрај Мајкл Сера и Киран Калкин.
Во модниот плакар на Тави има многу интересни работи. Од предмети инспирирани од писателката Сузан Сонтаг, до стара книга со илустрации, The Sulamith Wulfing, подарок од Стиви Никс од „Флитфуд мек“. Стиви ѝ открила на Тави дека токму илустрациите ѝ биле инспирација за некои од нејзините песни. Всушност, има неколку подароци од пејачката Стиви, како ѓердани и стар модел на чевли од „Шанел“. Но тука има и еден пар кожени ракавици, подарок од Винона Рајдер за нејзиниот 18-ти роденден, а претходно подарени на Винона од страна на Одри Хепберн. Тави сака винтиџ парчиња и highstreet облека што може да се најде на Opening Ceremony, необични парчиња накит и дизајнерски креации од „Миу Миу“ и „Прада“. Таа исто така на својот блог често беше фотографирана во креации на македонскиот дизајнер Ристо Бимбилоски.
Нема коментари