Како изгледа работниот простор на еден стилист на познатите!? Како најпосакуваниот плакар полн со дизајнерска облека и модни додатоци кои секоја жена ги посакува. Во тој стил е и канцеларијата на стилистката и дизајнерката Рејчел Зое во Лос Анџелес – огромен бел простор кој се смета за „златен грал на гламурот“. Полици со чевли и чанти, штендери со стотици фустани, книги за инспирација и многу накит, сето тоа е микс на креации од познати дизајнерски имиња, од нејзината сопствена колекција, но и од скапоцени винтиџ парчиња. За The Coveteur Зое ги отвара вратите од своето седиште и открива дека е крајно организирана. Чевлите и фустаните се подредени по боја и по стилови. Одделот за дизајнирање е одделен од консултанстскиот дел. Покрај модните парчиња туак е и полицата со различни лакови за нокти, за кои Рејчел вели дека постојано ги добива од компаниите за да бидат објавени на нејзиниот сајт, The Zoe Report. Рејчел во седиштето има неколку канцеларии со бироа, едните наменети за дизајнерскиот аспект и нејзиниот тим, како и канцеларија во која ги прима клиентите. А меѓу нејзините клиенти се најголемите холивудски ѕвезди Ен Хатавеј, Џенифер Лоренс, Софија Вергара, Џенифер Гарнер, Кејт Хадсон и Меган Фокс.
Нема коментари