Модната блогерка и фотографка Руми Нили ги отвори вратите на својот дом во Лос Анџелес и откри боемско катче во црно-бели и сиви тонови, многу различни текстури и кул-детали, токму и како нејзиниот моден стил. Авторката на блогот Fashion Toast живее во бунгалов заедно со своето момче Кристофер Доусон и мачорот Кумо, а за својот дом вели дека е како „град на текстури“. Уреден е беспрекорно, исто како да комбинира модни комбинации за својот блог. Руми открива дека откако кај неа се вселил Кристофер, внесол мажественост во просторот, најмногу во однос на боите. Негова идеја е еден ѕид во дневната соба да се обои во темносина нијанса. Но, сепак просторот е избалансиран во согласност со женственоста и модниот интерес на Руми.
Како што може да препознае добро модно парче, без оглед дали се тоа некои сандали од „Баленсијага“ или палто од Изабел Марант, Руми исто така може да препознае квалитетно парче мебел или интересен детаљ за декорирање на домот. Но, исто така почитува парчиња што имаат приказна, како на пример нејзиниот кожен тросед во честерфилд-стил. „Моите родители го донесоа од Хонг Конг, каде што некое време живеевме кога бев мала. Не можам да се ослободам од него, затоа што во него има толку многу историја, ама и затоа што е доста фотогеничен“, вели Руми. Уште еден нејзин фаворит е врамениот принт од познатата изложба „Англоманија“ што пред некоја година се одржа во музејот Метрополитен во Њујорк.
Љубовта кон различните текстури што Руми ја негува може да се забележи веднаш штом ќе влезете во дневната соба. Мароканска табуретка, бушав килим, кожен тросед, перници како јамболија, масичка со металик отсјај… Исто така низ просторот ќе сретнете доста сувенири од патувањата во Шведска, Австралија, како и модни списанија и книги распоредени низ собите. Мачорот Кумо има навистина повеќе места за уживање во домот, ама според блогерката омилено место за денско спиење му е големиот златен послужавник.
Нема коментари