Симпатичен спој на моден стил и гастрономски приказни е концептот зад блогот Cupcakes and Cashmere кој веќе пет години го уредува Емили Шуман од Лос Анџелес. Модата и храната се главните теми, но на оваа интернетска адреса може да најдете написи и за убавина и уредување, како и корисни „направи сам“ совети. Она што започна како документирање на работите што ги преферира, прерасна во кариера, па Шуман ја напушти работата во едно списание и се посвети само на својот блог. Пред две години издаде книга за стилот, уредувањето и организирањето забави, а некои ја нарекуваат Марта Стјуарт на новата генерација. Неодамна магазинот Glamour го посети нејзиниот дом и направи сторија за нејзиниот беспрекорен стил, ѕирна во нејзиниот плакар, го разгледа просторот кој функционира како канцеларија и пренесе неколку нејзини идеи за едноставно уредување. Иако наскоро со сопругот се сели во нова куќа, најубавите предмети и најкорисните совети ќе ги понесе со себе.
Прва работа што се забележува во нејзиниот дом е белиот камин кој всушност не функционира. Емили вели дека кога се вселила во куќата се израдувала на што има камин, иако сфатила дека тој не работи и не може да го користи за примарната функција. Па одлучила да го разубави со повеќе свеќи. „Не ги палиме често, бидејќи Лос Анџелес има претежно топла клима, но во зимските вечери тие навистина допринесуваат за необична светлина во просторијата и внесуваат малку топлина“.
Емили работи од дома, а од неодамна и нејзиниот сопруг Џефри се вклучи во бизнисот. Тоа можеби го оправдува послужавникот со алкохол во домашната канцеларија, нели? „Кога почнавме да работиме заедно Џефри ги донесе шишињата кои создаваат одличен контраст со розовите ѕидови. Тоа е реткост, ама повремено си дозволуваме по една чаша скоч ако работиме до касно навечер.“ Блогерката открива дека нејзиниот омилен коктел се менува со годишните времиња, во моментов тоа е класичен „Менхетн“, коктел што нејзиниот сопруг совршено го подготвува. Во канцеларијата Емили вметнала многу боја и разиграност, како потсетник дека нејзината работа треба да биде забавна и нереална, никогаш не премногу сериозна.
Како Емили се облекува на фотографиите на блогот? „Сакам да покажам фина разновидност во игледот, од она што би го облекла на љубовен состанот со сопругот до секојдневна облека што би ја носела кога сум на шопинг со пријателките. Ми се допаѓа мешањето на стилови, не сакам кога комбинацијата е еднодимензинионална.“
Емили и Џефри наскоро ќе се преселат во нова куќа со многу отворен простор, која што ја уредуваат заедно со дизајнерката на ентериери Амбер Луис. „Таа вети дека ќе ми помогне да преминам преку мојата одбивност кон бојата и дека домот ќе го уреди да одговара на мојот, но и на стилот на Џефри“. Покрај главната цел домот да изгледа топло и удобно, важно е да се направи и голем плакар за сите модни парчиња и додатоци.
На Cupcakes and Cashmere Емили редовно постира „направи сам“ идеи, еве една екстремно едноставна која ќе го реши проблемот со неподносливото заплеткување на долгите ѓердани. „Ова беше моето решение да ги организирам моите постојано заплеткани ѓердани. Кога ги чувате во кутија или некој сад, тие се претвораат во еден голем јазол. Па зедов тенки шајки, ги заковав и ги обоив во иста боја како ѕидот.“ Ем изгледа декоративно, ем ѓерданите повеќе не се заплеткани.
Емили и Џефри домот го делат со три мачки. Еве како блогерката го замислува модниот стил на своите миленици доколку тие би биле луѓе. „Луна која има свиленкасто крзно, би била модна дива во куќата, Роко би терал спортски стил, а Кали е како машкуданка и одлично би и’ одговарала рокерска кожна јакна.“
Кој е најдобриот подарок што некогаш го добила? Тоа се овие чевли од „Шанел“, подарок од Џефри. „Ги најдовме на распродажба во „Бергдорф Гудман“ во Њујорк и веднаш си помислив дека се како уметничко дело. Иако се кадифени, не се уништени и ги носам преку цела година.“
Понекогаш наједноставните идеи се најсимпатични и ефектни – скапоцениот прибор за јадење, кој Емили го користи само за свечени вечери и за фотографирање за блогот, иако е ставен во обични стаклени тегли, изгледа доста шик.
Што е следно? „Во моментов работам на втората книга, која ќе се однесува на уредувањето на домот и ќе излезе од печат во 2015 година. Исто така, развивам производи под името Cupcakes and Cashmere, како и капсулна колекција на облека со еден од моите омилени брендови.“
Нема коментари