Ателјето на американскиот дизајнер Џејсон Ву и работните простории на неговиот тим се сместени во стара индустриска зграда на Менхетан, во реонот симболично наречен Гармент Дистрикт, што преведено значи област за облека. Дизајнерот кој стана препознатлив откако американската прва дама Мишел Обама избра негов фустан за инаугурацијата на нејзиниот сопруг, реди успеси и понатаму и го проширува својот бренд. Овде, во неговото њујоршко ателје се раѓаат новите креации. Неговата канцеларија не е многу голема, а во неа доминира црно биро и полици полни со книги за модна инспирација.
Просторот во кој работи Ву функционира како неговата канцеларија, ателје, шоурум и место за средба со клиенти. Одредени делови од просториите имаат тапети направени од стари броеви на весникот The New York Observer, а изложбениот и приемниот дел имаат атмосфера на лофт, со бетонски подови, високи плафони, огромни прозори и индустриски декор. Значајно место во неговата канцеларија има една стара германска машина за шиење од 30-тите години, подарок за Џејсон од неговиот татко.
Нема коментари