Нашиот познат гитарист Влатко Стефановски на 29 јануари ја имаше честа да настапи на хуманитарен концерт по повод 80-тиот роденден на големата британска актерка Ванеса Редгрејв. Овој настап е на покана од нивниот долгогодишен заеднички пријател Раде Шербеџија. Оскаровката Ванеса Редгрејв е познат активист, хуманирец и пред сè голем актер. Во својата долга театарска и филмска кариера има настапувано рамо до рамо со најголемите светски актерски имиња.
Редгрејв роденденот го простлави во Ројал Корт театарот (Royal Court Theatre) во Лондон и на едно место ја собра британската уметничка елита. Меѓу нив беше и Влатко Стефановски кој со својот настап заедно со Раде Шербеџија, а потоа и со една соло изведба ги воодушевил присутните.
- Ми беше големо задоволство и чест да настапам на хуманитарниот настан по повод 80-тиот роденден на големата филмска дива Ванеса Редгрејв. На прославата се собра кремот на британскиот театар и филм, кој се натпреваруваше во оддавање почит кон нејзината уметничка и хуманитарна работа и кон нејзиниот опус и живот. Мојот настап и настапот со Раде Шербеџија беа наградени со стоечки овации. Гала во вистинска смисла на зборот – вели Стефановски.
Честитки за нејзиниот роденден преку видео бим пристигнале од Мерил Стрип, Дастин Хофман, Анет Бенинг и многу други, а меѓу присутните таа вечер биле и Франко Неро, Лиам Нисон, Рејф Фајнс, Бенедикт Камбербеч, Бјанка Џегер и многу други. Актерката Ванеса Редгрејв и покрај нејзината прифесија е позната по тоа што не сака многу да се експонира во јавност, но затоа како спомен од овој голем настан на Влатко Стефановски ќе му останат дружењето и фотографиите со многу познати личности.
Нема коментари