Приказната на колекцијата Moments Of Pleasure за пролет-лето 2015 на битолскиот дизајнер Никола Петровски е инспирација за новата фотосесијата Pacific Paradise на младиот фотограф Владимир Видановски. Тој ја прераскажа модната замисла на Петровски преку фотографии снимени со летно и тропско опкружување, кои премиерно и ексклузивно ви ги претставуваме на stylist.mk. Креациите од линијата, која креаторот ја промовира на есенското издание на Моден викенд-Скопје во октомври 2014, ги носат моделите Ивана Дуковска, Ана Јанкуловска и Александар Стојановски.
-Летото е моето омилено годишно време, исполнето со сите моменти на задоволство кои ми ги пружа, уживањето во природа, а посебно летните одмори: галењето на жешкото Сонце на плажа, топлите вечери поминати во друштво на блиските пријатели, чуството на слобода и мирот кој водата ми го дава, позитивната енергија со која се полнам за цела наредна година… Инспириран од овие моменти имав желба за фотосесија која би ја изработиле во природа, на автентични места… По самото прикажување на колекцијата на Mоден викенд-Скопје, во октомври минатата година, Владимир инспириран од колекцијата ми ја кажа неговата идеја за фотосесија, која до некаде беше блиска до она што јас го посакував… Бидејќи не брзавме со реализирањето на фотосесијата, имавме време да искристализираме како ќе го постигниме она што и двајцата го сакаме, а и да одлучиме кои ќе бидат другите двајца модели покрај Ивана Дуковска, која и на двајцата ни е на некој начин заштитно лице. Така, на крај изборот падна на Ана Јанкуловска и Александар Стојановски, а бидејќи не постоеше можност во зима да фотографираме на некоја тропска плажа, фотосесијата ја реализиравме во студиото на Владимир. За да биде резултатот автентичен и оригинален, како позадина на фотографиите Владимир ги искористи моите фотографии кои беа и дирекна инспирација за колекцијата, фотографирани за време на некои мои летни одмори, а од кои дел публиката имаше можност да ги види како позадина на пистата на самото прикажување на колекцијата на Модниот викенд-Скопје во октомври минатата година. Со доаѓањето на пролетта дојде и времето за објавување на фотосесијата како ново дело и за која се надеваме дека критиките повторно ќе бидат позитивни како што беа за претходната-вели Петровски.
Во исто време фотосесијата претставува и најава за новата колекција за сезоната есен-зима 2015/2016 која е во изработка, а која ќе биде прикажана на Битолската модна недела, која ќе се одржи од 16 до 19 април, по што ќе следува и нова фотосесија за истата. Креаторот открива дека и колекцијата за пролет-лето2015¸ за која е изработена фотосесијата Pacific Paradise, ќе биде прикажана и на модната недела во Битола. По неколку сезони континуирано претставување на Модниот викенд-Скопје, тој овој пат ќе паузира од учество.
-Претставувањето на Модниот викенд изминативе години беше едно позитивно искуство од кое не бев во план да се откажам. Но, значителното зголемување на сумата која треба да се плати за учество на истиот беше дирекна причина овој пат да се откажам од претставувањето, што не значи дека соработката со тимот на Моден викенд -Скопје е завршена. Интересно е што двајцата модели Вања Трампевски и Ивана Дуковска од Битола, кои јас ги промовирав на своите ревии на Моден викенд, овој пат се заштитни лица и на пролетното издание. Се надевам на повторно мое учество на наредните изданија, нормално во зависност од понудените услови и моите можности-вели тој.
Нема коментари