Високата мода го нуди најлуксузниот, најраскошниот и најпрецизно изработениот дел од креирањето облека. Скоро непроценливите тоалети што дизајнерите двапати годишно ги претставуваат на Париската недела на висока мода се создаваат во најдобрите париски ателјеа и можат да бидат прикажани само доколку ги исполнуваат условите на Комората за висока мода. Покрај вообичаениот гламур и скапоцени долги тоалети шти ги предлагаат Ели Саб и брендот„Валентино“, високата мода сè повеќе добива авангарден израз благодарение на новата кутур генерација, како на пример дуото Виктор и Ролф, но и ангажирањето на иновативни дизајнери во ревитализирањето на некоја подзаборавена париска куќа, како што е примерот со Хусеин Шалајан кој сега дизајнира за „Вионе“. Веќе ве информиравме за ревиите на Армани, „Диор“, Жан Пол Готје, „Шанел“ и „Версаче“, еве уште еден преглед на новите колекции на висока мода.
ВАЛЕНТИНО
Предрафаелитската уметност повторно како инспирација за Марија Грација Кјури и Пјерпаоло Пичоли за нивната колекција на висока мода направен за есен-зима 2014/15. Во новата колекција за „Валентино“ тие прикажаа женствени креации со скромни кроеви како долги ракави и затворено деколте, елегантно драпирани фустани и дезени кои не враќаат на таписерии од 17 век.
СКЈАПАРЕЛИ
Колоритна разиграност и шик кроеви во втората колекција на Марко Занини за брендот „Скјапарели“, задолжитечно надреалистички елементи карактеристични за Елза Скјапарели .
ЕЛИ САБ
Либанскиот дизајнер повторно го прикажа она во што е најдобар – вечерни свечени тоалети украсени со многу светки инспирани од градот на светлината. Можеби предвидлив во претставување, Саб сепак има голема клиентела и со сигурност некои од креациите за есен-зима 2014/15 ќе се најдат на црвен килим.
ВИКТОР И РОЛФ
Црвената армија на холандките дизајнери е облечена во црвени тешки ткаенини и заврзана со безброј гигантски панделки. И чекори на црвен килим. Авангардното дуо Виктор и Ролф како да сака ја исмее манијата на црвен килим, облекувајќи ги манекенките во ткаенини за килим!
РАЛФ И РУСО
Драматичните креации на лондонското дуо Тамара Ралф и Мајкл Русо кои реферираа на холивудски гламур.
ВИОНЕ
Хусеин Шалајан покажа што се добива кога ќе се спојат архитектурата и високата мода – деми-кутур колекција за брендот „Вионе“ од модернистичка плисирани креации од воздушести ткаенини, со геометриски кроеви и во нежна палета на бои.
ЏАМБАТИСТА ВАЛИ
Пастелна цветна градина збогатена со волуменозни здолништа од тул и линии кои се инспирирани од Алхамбра и мавританската иконографија. Дизајнерот е еден ретките што сака да прикаже практичната страна на високата мода и направи колекција што содржи доста класични кошули.
Нема коментари