Пастелни нијанси и спортски референци се трендовите што Карл Лагерфелд ги предлага во новата колекција на висока мода на „Шанел“ претставена утрово во ултра-модерен рефлектирачки ентериер во монолитната внатрешност на „Пале д Токио“ во Париз. Како и кај „Диор“ и овде се чувствуваше младешкиот дух и погледот кон иднината, со што се потврдува желбата на париските кутуриерски ателјеа да се насочат кон новата генерација на модни потрошувачи. Лагерфелд за сезоната пролет 2014 предлага многу светкава облека, од дневни костими од букле навезено со блескави перли до вечерни фустани украсени со иридисцентни пулејки.
Низ колекцијата се провејува легендарното шанел-сако, секогаш во поинаква интерпретација на Лагерфелд. Материјалите се лесни и транспарентни, боите светли и пастелни со црни моменти во вечерната облека, а шминката и фризурата во диско-футуристички стил. Највпечатливи беа спортските елементи со кои Карл ја разигра колекцијата – патики наместо елегантни чевли со висока потпетица, но и ултра модерни штитници за колена и лакти како сосема неочекуван моден детаљ. Вообичаено, во финалето се појавува Шанеловата невеста, овојпат тоа е манекенката Кара Делевиљ облечена во долг транспарентен фустан со едноставна линија, во придружба на Карл и малиот Хадсон Крониг, син на омилениот манекен на дизајнерот, Бред Крониг. И да, забележавте ли дека невестата носеше патики?!
Нема коментари