Хуманитарната манифестација „Напред розово“ се организира по осми пат, а сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ за различна помош на болните од овој вид канцер
Повеќе од 1.000 граѓани од цела Македонија, меѓу кои и многу жени кои што во моментов се борат или веќе се избориле со рак на дојка, во саботата со традиционалната розова прошетка и трка во Градскиот парк во Скопје им изразија поддршка на сите заболени од овој вид канцер. Прошетката и трката се дел од манифестацијата „Напред розово 2016“, која традиционално се одржува по осми пат во организација на Здружението „Борка“ – За секој нов ден, со поддршка на Амбасадата на САД во Македонија и компанијата „Пелистерка“.
Годинава, во рамките на манифестацијата, за првпат се организираше и хуманитарна трка во Градскиот парк во должина од 1 километар. Рекреативни тркачи, професионални атлетичари, мајки со бебиња во колички, мали девојчиња, повозрасни жени, но и членови на нивните семејства, беа дел од розовата трка која нема натпреварувачки карактер. По завршувањето на трката, сите учесници на манифестацијата облечени во розови маички заедно се упатија на симболична прошетка низ паркот преку која ја искажаа својата поддршка за оние што се борат со рак на дојка.
Пред официјалниот старт на трката учесничките се загреваа со зумба, а забавата продолжи и по завршувањето на трката со диџеи и лотарија за сите учесници на манифестацијата. Притоа, голем дел од нив дома заминаа со награди кои ги обезбедија компании-поддржувачи на настанот: „Пелистерка“, винарија „Еземит“, „АВОН“, „ДМ маркети“, болницата „Филип Втори“, „Медикус хелп“, „Фармаген“, како и донација на книги од писателите Драган Танески и Ана Бунтеска.
Претседателката на „Борка“ и на Алијансата на пациентски организации во Македонија, Биба Додева, пред стартот на прошетката истакна дека ракот е потенцијално излечива болест која што може да се победи исклучиво преку вложување во професионално и етичко работење.
- Тоа подразбира навремена дијагноза, ефективно лекување и достапност до современ третман и терапии. И покрај сите заложби на граѓанскиот сектор, здравствените институции и Владата, состојбата во нашата земја е алармантна и ни укажува дека малигните заболувања мора да станат приоритет на здравствените власти преку интензивноградење на одржлива Национална стратегија за контрола на ракот со цел да се подобрат поразителните факти – рече Додева.
Сите собрани средства од регистрацијата за трката и прошетката ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ во делот на психосоцијална помош и поддршка на заболените од рак на дојка, обезбедување перики за жените кои не можат да си дозволат да ги купат, посета на болните на Клиниката за онкологија, обезбедување секојдневна комуникација со психолог и едукација на населението од цела Македонија.
Маркетинг-директорката на компанијата „Пелистерка“, Тања Панделеска, истакна дека манифестацијата се организира со цел учесниците да им дадат поддршка на сите блиски луѓе кои се борат со рак на дојка.
- Денеска се собравме за вистински да им покажеме дека сме тука за нив. И како индивидуи и во името на општествено одговорните компании. Истовремено, тука сме да ја рашириме свеста дека ракот на дојка не се случува само на другите, за нас непознати лица и имиња, туку сите ние и нашите најдраги, сме негова потенцијална мета. И затоа мора да се заштитиме. Ракот на дојка може да се третира и да се победи, благодарение на раното дијагностицирање – рече Панделеска.
Заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на САД во Македонија, Михаела Швајцер – Блум истакна дека Амбасадата на САД е горда што може да ја поддржи манифестацијата „Напред розово“.
- Среќна сум што денеска гледам дека дојдоа толку многу луѓе за оваа важна цел. Ракот на дојка е една од водечките причини за смртност меѓу жените во САД и во Македонија. Настани како денешната прошетка се одлична можност за споделување информации, како што се важноста на самопрегледите и на раното откривање, што може да им помогне на луѓето да живеат подолг и поздрав живот – рече Швајцер – Блум.
Ракот на дојка е најчестиот тип дијагностициран рак кај жените во светот, а по смртноста овој вид карцином е на прво место во светот и во Македонија. Минатата година во земјава се откриени околу 1.200 нови случаи на рак на дојка или просечно по 3-4 жени дневно. Македонија е една од ретките земји во Европа каде што смртноста од канцер се зголемила за околу 9 отсто во последните 15 години. Според бројот на смртни случаи од рак, Македонија е на трето место во Европа.
Нема коментари