Дизајнерот Драган Христов ја продолжува приказната за безродова облека во новата колекција на својата етикета „Лудус“, наречена Emotional Landscapes, прикажана пред неколку дена во Скопје. Дизајнерот преку облеката на „Лудус“ вели дека искажува емоции, често меланхолични, овојат е поттикнат од „емотивните пејсажи“, фраза од стихови на исландската пејачка Бјорк. Повторно е во полето на безродова мода, на што се фокусира во последните сезони, но веќе ја надминува фазата на експериментален проект и ни откри пообемна и посложена колекција која ги брише границите на она што претставува само машка или само женска облека. Колекцијата содржи предимензионирани форми, асиметрија и деконструкција на кроеви. Монохроматиката од доминантните црна и бела е разбиена со неколку загасити бои (графитно зелена и бакарна).
Дизајнерот предлага повеќе парчиња – разни видови на широки панталони и плетени хеланки, горни делови со волумен и предолги ракави, асиметични наметки, необични превиткани набори скроени во задниот дел од креациите, блузи со високо околувратник, фустани кои може да се користат како туники (или обратно), микс на лелеавост и флудност со блага форма на построги, но поедноставени кроеви. Интересен е изборот на модели кои ги носеа креациите на модниот перформанс, меѓу кои кои ги видовме манекенката Ана Калачоска, дизајнеката Милена Атанасова и урбани млади ликови откриени по пат на кастинг, како микс необични карактери на кои најдобро се проектира визијата на дизајнерот.
Христов колекцијата ја претстави во рамките на „Синедејс“, веднаш по прикажувањето на документарниот филм „Првиот понеделник во мај“ за тоа како се подготвува најважниот моден настан, Мет Гала. Дизајнерот ја избра дансинг салата на МКЦ за одржување на ревијата, што се покажа како одлична локација за моден настан со поавангарден пристап. (К.Т.)
Нема коментари