Традиционалната, дваесет и прва по ред модна ревија на студентите на студиската програма „Дизајн и инженеринг на облека“ при на Технолошко-металуршкиот факултет, годинава доаѓа во поинаков формат – како видео презентација. Од ТМФ нагласуваат дека околностите со кои се соочува целиот свет, ги насочил да бараат нови начини за прикажување на нивната креативност, па модната ревија на тема „Иднината е одржлива“, ја презентираат на Јутјуб.
-Студентите под раководство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева, ја интерпретираа оваа тема, со нивните креации изработени од материјали кои можеа да ги најдат во архивата на ТМФ, во плакарите на нивните мајки, со редизајн на плетенините на нивните баби, со рачно фарбање со природни бои, со реупотреба на винтиџ облека и со разни други идеи кои значат нов и одговорен однос кон облеката и дизајнот во иднината – изјавија од ТМФ.
Ги гледаме дизајните на студентите од II, III и IV година на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
-Голема благодарност до Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ како и на Правниот факултет „Јустинијан Први“ за укажаното гостопримство. Архитектурата на нашиот универзитет, со својот бруталистички израз, одлично се вклопи во нашата тема.
Нема коментари