Современата архитектура, напредокот во технологијата, модерната уметност и урбаното живеење отсекогаш биле инспирација во работата на младиот македонски дизајнер Виктор Кајзер. Прецизноста, визијата и иновативноста со кои ги креираше своите досегашни самостојни колекции, ги пренесува и во својот нов ангажман- за познатиот домашен бренд Astibo Fashion Group. Тој внесува свежина и нова младешка енергија во препознатливата македонска текстилна куќа, која покрај големите налози за странски брендови овој пат лансира своја колекција.
-Целиот концепт е сведен на нослива облека која прикладно може да се вметне во сечиј женски ормар . Инспирацијата е од секојдневните барања и потреби на современите жени. Во колекцијата има повеќе тонови од ахроматска палета, имаме некој вид на колор блок со принт во стилот на 60-тите, но фокусот го задржуваме на комбинација од посветли и потемни ахроматски тонови. Поголемиот дел од материјалите се природни-ни изјави Виктор Кајзер.
Моделите од Victor Kaiser for AFG – Ready to wear најпрво ќе се најдат на европскиот пазар.
- Колекцијата ќе биде прикажана во Париз од 19 до 21 септември, после дел патува за Копенхаген , но секако ќе се потрудиме да биде достапна и за македонските купувачи преку онлајн нарачка или бутик -открива тој.
Деновиве беше снимен и lookbook во соработка со фотографскиот тандем Ани и Дими . Горан HLVK се погрижи за графичката доработка. Моделиите ги носи манекенката Елена Ангеловска, а шминката е дело на Васе Доковски.
Виктор е активен на домашната модна сцена речиси пет години, уште од своите рани средношколски денови. Зад него, меѓу другото се учеството на групната ревија ПОП! Мода во Американската амбасада, презентацијата на капсулната колекција во 2014 на Моден викенд-Скопје-каде што што неколку сезони е дел од организаторскиот тим. Во март оваа година заедно со младите македонски креаторки Душица Петит (Shaleva Couture) и Ana Marija се претставија на финалната ревија Fas1hion Scout SEE – Southeast Europe Fashion Showcase , со која беше отворена Белградската модна недела. Тие беа избрани на првиот регионален конкурс инициран од страна на Fashion Scout од Лондон и модните недели во Скопје, Белград, Загреб и Љубљана. Виктор го освои второто место на ревијата на Fashion Scout во Белград и за малку му избега учеството на модната недела во Лондон. После ревијата во Белград тројцата дизајнери учествуваа и на Моден викенд-Скопје.
- Не постои план во оваа работа, можеби има правец- ама никогаш план. Мојата соработка со Моден викенд-Скопје трае веќе 11 сезони и секако дека продолжува и овојпат-вели тој.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари