Вечерва во 18 часот во склоп на Саемот на книга, на штандот на Издавачки центар ТРИ ќе се одржи промоцијата на петтата книга на Коста Петров, „Што ќе кажат другите?“.
„Животот не е бесцелна битка за комплетно игнорирање на туѓите мислења, туку е процес на формирање круг составен од луѓе, верувања и мислења кои не се само важни туку се и нужни за нашиот личен успех“, што според авторот Петров е мотивот за создавањето на оваа книга.
На промоција ќе биде присутен и авторот кој ќе биде достапен за посетителите за прашања во врска со новата книга, во којашто пишува „Барањето одобрување од другите и грижата што мислат тие за нас е нешто сосем нормално, бидејќи е дел од човековата природа. Но тоа не значи дека секој од нас, во одреден момент во животот, не се обидел да го пронајде одговорот на најтешкото животно прашање – како да не се грижам што ќе мислат другите за мене? Одговорот е во кругот! Но не секогаш кругот е совршено затворен. Понекогаш спротивните верувања го разнишуваат. Ако кругот е доволно силен, човекот во него ќе го направи имун пред тие туѓи влијанија, и само тогаш ќе може да ги надмине препреките. Само човекот што се наоѓа во вистинскиот круг, кој е опкружен со вистински луѓе – може да направи чуда.
За неговата петта книга, тој вели: „Книгава е таква каква што е. Дали е поразлична од сѐ што досега сум напишал? Се разбира, бидејќи ни јас не сум тој што сум бил пред пет години, кога ја објавив мојата последна книга. Но во тоа е убавината на живеењето. Секојдневно учиме нови лекции, созреваме, се менуваме. Ова е моето животно патување. Моите стравови. Моите одлуки. Моите сомнежи. Моите падови. Моите успеси. И без разлика на тоа што некои работи беа многу болни за пишување, не би променил ништо во мојот живот. Сѐ си е во совршен ред. Така како што навистина треба да биде.“
Коста Петров е основач на Пи Ворлд, креативна агенција со канцеларии во Скопје и Монтреал, Канада и присуство во над 40 земји во светот. Тој е и автор на стиховите за песната „Proud“ (Гордост) што ја испеа Тамара Тодевска и беше задолжен за целокупното евровизиско претставување на Македонија во 2019 во Израел што ѝ донесе прво место од стручното жири на земјава. Од август 2019та до мај 2021 Петров беше и потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Со над 50 000 продадени примероци од неговите четири книги, Петров е и еден од најпродаваните автори во Македонија во последните неколку години.
Нема коментари