Бизнисменка, дизајнерка и модна икона, Ајрис Апфел следниот месец ќе наполни 94 години, а деновиве неуморно го промовира документарниот филм посветен на нејзиниот живот, едноставено наречен „Ајрис“. Во чест на филмот таа организираше проекција и вечерно дружење во Лондон, а исто така дебатираше за доста модерни теми, како на пример социјалните мрежи. „Содржат ужасно високо ниво на нарцизам. Кого го интересира што сте ручале!?“, вели Ајрис за моментот на откривање сè и сешто на профилите на социјалните мрежи. Апфел вчера прво се појави на премиерата на „Ајлис“ во кино во Мејфер, Лондон, а потоа пречека гости на интимна вечера во ресторанот Annabel’s. Облечена во портокалов капут и накитена со ѓердани и алки во тиркизна боја, 94-годишната икона се забавуваше со Роксанда Илинчиќ, Шарлот Делал, Џек Гинис, Сузи Менкес, а повремено таа и гостите се сликаа со моделот чанта на Делал именуван по Ајрис – клач-чанта украсена со црни големи очила какви што Апфел постојано носи.
Позната како дизајнерка на накит, Ајрис кариерата ја почнa во 40-тите како новинарка на еден од најавторитативните весници за мода Women’s Wear Daily, потоа се посвети на уредување на ентериери, па декорираше за девет претседатели во Белата куќа, а заедно со сопругот Карл, кој инаку ќе полни 105 години, ја основаа текстилната компанијаOld World Weavers. Документарецот „Ајрис“ на Алберт Мајселс се однесува на нејзиниот живот, посветеноста на модата и дизајнот, посетите на африканскиот пазар во Њујорк заедно со сопругот, средбите со дизајнерите Дуро Олову и Дрис Ван Нотен. Апфел открива дека модниот стил треба да се поседува како дел од нашата ДНК, но треба да се култивира. Филмот за Ајрис е доказ за нејзините достигнувања како жена прикажани на модерен и мошне забавен начин.
Нема коментари