Изложба на современи изработувачи и дизајнери на накит од Србија, Бугарија и Македонија, предавања, работилници за деца и забава со познати диџеи се на програмата на првото издание на Саемот за накит и модни додатоци, „НАКИТ 2016“, што од утре до 9 октомври ќе се одржи во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“. Саемот, кој е во организација на Јавна соба и „KAPKA Jewelry“ почнува во петок од 17 до 20 часот , со дружба-коктел и прво разгледување на колекциите на дизајнерите-учесници, а официјалниот старт е закажан за 21 часот со диџеј- сет на Соња Исмаил.
Во сабота, од 17 часот. ќе се одржи матине со диџеј Шурбеира. Во попладневните часови, од 16 до 20ч. предавања ќе одржат дизајнерките на накит Биби Клекачкоска, Мима Пејоска и Бранка Данчевска, како и Ана Димчевска, конзерватор за метал во Музејот на Македонија. Саемот ќе биде отворен за посетители од 10ч. до 22ч. во сабота и од 10. до 18ч. во недела. Во рамки на саемот предвидени се и две работилници за деца, во сабота од 17 до 19 часот и во недела од 11 до 13 часот со Ина Михајлова.
Веќе го најавивме учеството на дваесетина дизајнери на современ накит од Македонија и регионот: Александра Шекутковска со URB CLV, Биби Клекачкоска со BIP ART, Јасмина Главинче, Марта Пејоска, Нина Нинеска со MODULAR, Јана Ацевска со KAPKA Jewelry , Александар Пешевски со MIGHTY JEWELRY, Виктор Павлов (Бугарија), Атанас Костантинов со ARTEFAKTI, Симеон Шомов, Зора Романска (Бугарија), Катерина Сербезова со SERENDIPITY (Бугарија), Ангелина Цветкова, CURLY LAB, GULCH, Студио Глина (Србија), JtDot, REdesign21 и BOWTIE wooden style.
Селекцијата на изложувачи ја направи стручното жири во состав Јана Ацевска, Александар Велиновски и Маја Лалиќ според следните критериуми: оригиналност, концепт, иновативно користење на материјали, комбинација на нови и стари технологии и техники, изработка на производите, продажен потенцијал. За сите посетители влезот е бесплатен.
Нема коментари