Познатите модни брендови во своите козметички линии презентираат празнични колекции на шминка кои се наменети токму за новогодишните и божикните забави и вечерни настани. Комбинациите што ги предлагаат шминкерите и модните куќи се подраматични и свечени, со акцент на усните или нагласени очи.
Козметичката линија на модната куќа на Ив Сен Лоран во својата празнична колекција нуди сребрени, златни, брознени и сјајно црни сенки за очи, како и интензивни бои на кармини. На рекламната кампања за колецијата на шминка ја гледаме манекенката Кара Делевињ со боја на циклама на усните и очи нашминкани со златно-црни нијанси во форма на мачкест изглед.
Том Форд за новогодишен изглед предлага очи обоени со златна сенка и усни намачкани со кармин во црвена боја со сатенски финиш. Овој предлог изгледа свечено и гламурозно, но и не многу наметливо.
Џорџо Армани преку празничната колекција Orient Excess предлага смирен и едноставен изглед кој одговара на повеќе возрасти на жени и е спротивност на сјајните и блескави бои на шминка вообичаени за овој период. Акцентот е на усните кои се обоени со црвен кармин, додека очите се дефинирани со тенка линија на туш и внимателно обликувани веѓи.
Нема коментари