Иако во првите месеци криеше и одбиваше да ги коментира написите на таблоидите дека е бремена, облеката сепак ја разоткри. Британската актерка Кира Најтли, која нареднава пролет го очекува своето прво дете со сопругот Џејмс Рајтон, изгледа поубаво од било кога. Својот личен стил, умешно го адаптира на блажената состојба, и покажа дека бременоста е доба кога жените исто така може да уживаат во модниот избор.
По многу нешта нејзиниот стил не наликува на имиџот што изминатив години го промовираа славниите актерки и пејачки на црвениот килим, кои често не се страмат да го покажат своето стомаче со разголени креации и припиени фустани. Кира е поконзервативна во селекцијата на модели за на црвениот килим. Не може да ја видиме во кратки модели или премногу тесни креации, во кои не може да дише или да се движи. Фустаните од славните модни куќи, како „Ердем“, „Шанел“, „Валентино“ и други, се удобни, романтични, со доза на ретро, носталјични и романтични форми, но сепак свежи и модерни.
Модата за трудниците одамна не се сведува на кошули и фустани со голем волумен, налик на мантили. Тие се прилагодени на секојдневните потреби на жените, па така може да најде бизнис-костим за трудници, или пак современ модел на спортско-елегантна мода, кежуал, бохо и друг стил. Секојдневни фустани со принт, кожена јакна, мантилче, флорални модели, фармерки, и други парчиња се дел од изборот на Најтли надвор од црвениот килим. На моменти не може ни да се забележи дека нејзиното тело добива нова форма, токму заради непроменетиот однос кон модата приватно. Таа и покрај веќе видливото стомаче, не заборава на деталите, рокерските додатоци и на урбаните комбинации.
Нема коментари