Кога станува збор за облекувањето во студено зимско време, кое треба да понуди заштита и топлина, но во исто време да биде интересно и впечатливо, слоевитоста е клучен момент во стилизирањето. А најдобрата стилска инспирација доаѓа од уличната мода. Оттаму издвоивме неколку комбинации на познати модни уреднички кои додека ги извршуваат своите обврски не го жртвуваат стилот, дури и во студените месеци.
Носете две јакни
Облечете помала јакна под тешкиот капут, но за поинтересен изглед внесете текстура и повеќедимензионалност во комбинацијата, така што ќе измешате две парчиња со различни материјали и должина. Може да споите и парчиња што се наменети за различни прилики, на пример кежуал џинс јакна со поелегантен капут.
Можеби потсетува на машкиот стил, но ако изберете костим во интензивна боја или со принт, ќе додадете степен на женственост. Уште поинтересно ќе изгледа ако под костимот облечете ролка. Кога веќе зборуваме за некаков комплет под палтото, сега хит се покежуал athleisure парчиња, дуксер и долни тренерки под луксузен поформален капут.
Дефинирајте со ремен
Зимската облека, јакните, капутите и слоевите облека одоздола изгледаат доста гломазно, затоа дефинирајте ја силуетата со ремен или некој појас.
Качулките се хит
Периодов доста актуелни се дуксерите со качулка, па носете ги како уште еден елемент од слоевите облека.
Покажете ги чорапите и хулахопките
Студеното време не значи дека треба да се откажете од омилените чевли, тоа значи дека треба да ги носите со чорапи или хулахопки во некоја интересна боја или шара. За среќа, покажувањето на чорапите е голем тренд.
Нема коментари