Брендот „Сен Лоран“ понуди неколку верзии на женски смокинг, модните икони како Кејт Мос и Тилда Свинтон обожааваат да носат вечерен фрак, а Анџелина Џоли на последното доделување на наградите на BAFTA се појави во црн фрак, бела кошула и разврзана пеперутка-вратоврска и само ја подгреа новата женска страст за машки смокинг. Во што е привлечноста на ова парче облека, кое само малкумина може да го носат на вистински начин? Прилагодено на женската градба, оваа облека позајмена од машкиот плакар, може истовремено да изгледа секси и малку андрогено, но во секој случај атрактивно. Да, Анџелина Џоли изгледа прекрасно во вечерен смокинг, но како смокинг сакото да го прилагодите и за други пригоди? Ќе ви покажеме неколку идеи кои може да ги примените на работа, за вечерно излегување во кафуле или за некој уметнички настан, како на пример отворање на изложба во галерија.
НА РАБОТА
Смокинг-сакото е стилско надградување споредено со класичното црно сако кое е најкористено парче во деловната облека, вообичаено се комбинира со модели со чисти линии и строг крој. Но, за да ја омекнете целата комбинација и да ја претворите во дневен моден избор, предлагаме сакото да го споите со делови во интензивни бои како панталони во кобалтно сина боја и чанта во јако жолта боја.
ВЕЧЕР ВО КАФУЛЕ
Вистинската формула е дотераност со нишка на авангарност, баланс меѓу строгиот изглед на сакото и лежерноста на маичката со натпис и здолништето со принт. Од друга страна, има ли нешто поудобно од стреч-здолниште, памучна маица и чизми во кои може да ја издржите ноќта? Но, за вечерно излегување потребна ви и драматичност што токму смокингот ќе ја обезбеди. Шик изгледот надополнете го со чанта во боја и впечатлив накит.
УМЕТНИЧКИ НАСТАН
Спротиставеноста на машкоста и женственоста има непобитен сексапил, сетете се само колку холивудски актерки на црвен килим се појавија облечени во смокинг сако под кој нема ништо и изгледале непобитно секси! Еве една понослива верзија на тој машко-женски стил – струкирано сако со тенок фустан од шифон. Ни се допаѓа модерната комбинација на тегет со црна боја, која изгледа уште поелегантна со сандали со метални делови, тешки обетки и убаво украсена мала чанта.
Нема коментари