Три жанровски различни филмови – љубовната приказна „Најдолгото патување“, анимираната и синхронизирана комедија „Зошто (не) го изедов татко ми 3Д“ и дебитантското остварување на сценаристот и режисер Вук Ршумовиќ „Ничие дете“ на 9 април (четврток) пристигнуваат во скопските кина.
Роматичната драма на Џорџ Тилман „Најдолгото патување“ базирана на истоимениот светски бестселер на Николас Спаркс прикажува две временски раздвоени приказни, кои меѓутоа судбината ги поврзува. Во „Најдолгото патување“ ќе го запознаеме Лука (Скот Иствуд, син на легендарниот Клинт Иствуд), поранешен првак во јавање бикови кој се обидува да ја врати старата слава и Софија (Брит Робертсон), студентка која штотуку ја добила работата од соништата во Њујорк. Додека бројните несогласувања, но и високи идеали ја ставаат на тест нивната врска, двајцата млади ќе најдат инспирација во случајната средба со Ајра (Алан Алда) и неговите сеќавања.
„Зошто (не) го изедов татко ми 3D” не’ враќа во периодот пред две милиони години, а ја прикажува борбата на малите групи праисториски луѓе во северна Африка кои се обидуваат да држат чекор со мајката природа. Во фантастичниот 3Д филм „Зошто (не) го изедов татко ми“ најмладата кино публика ќе има можност да ужива непречено, бидејќи филмот е синхронизиран на македонски јазик. Марин Бабиќ, Анастас Тановски, Илија Илиоски, Катерина Шехтанска-Лаковска, Кристина Гркова ги позајмија гласовите на главните јунаци.
Филмот „Ничие дете“ се базира на чудесната вистинита приказна за дивото момче (во филмот го игра Денис Муриќ) кое во средината на осумдесетите години на минатиот век ловци го пронашле меѓу волци во шумата на планините на Босна и Херцеговина, по што е испратено во дом за деца без родители за да се социјализира. Наспроти очекувањата, момчето, кое го добива името Харис Пучурица, почнува забрзано да се развива и склопува пријатества…. На почетокот на војната, меѓутоа, мора да се врати во БиХ. Дебитантскиот филм на сценаристот и режисер Вук Ршумовиќ досега е награден со 14 награди на светски и домашни фестивали.
Нема коментари