Таа е најдобар амбасадор на својот бренд. Викторија Бекам ги претставува своите дизајни во најдобро светло носејќи ги на јавните настани. Начинот на кој ги комбинира и носи моделите од своите колекции е поголема реклама од било каква насловна страница, откупен банер на сајт или објава во магазин. Тоа добро го знае некогашната членка на „Спајс грлс“, која сега гради успешна дизајнерска кариера. Покажа дека има добар сенс за мода, но и за бизнис, насетувајќи дека нејзините минималистички, деловни креации најдобро се поклопуваат со модерните девојки што гравитираат во Њујорк. Па така, изминативе неколку недели во неколку наврати на улиците на Големото Јаболко се појави во инспиративни стајлинзи. Избравме три нејзини изгледи што истовремено се елегантни, шик и со голем личен печат.
Уште од нејзиното пристигнување на аеродромот ЏФК одржа неколку стилски лекции. На себе имаше бела бизнис-кошула со тесни сини пруги. Кошулата, која беше откопчана до делот кај градникот и со собрани ракавите, ја имаше ставено во молив здолниште до под колена, во темносина боја со цветен дезен. Сето тоа беше заокружено со крем високи потпетици. Без накит и со едноставно прибрана коса во опавче. Најважен детаљ на неа се темните очила за сонце.
Втората одушевувачка комбинација е фустан во стилот на 50-тите, со редефинирана форма и отвор во предиот дел. Двостраниот модел на површината е во темносина боја, а во внатрешноста е со валкано бела нијанса… Двата дела се со цветен дезен и е најава за сезоната пролет-лето 2015. Креацијата ефективно е збогатена со темноцрвени чевли и тенок колан, како и клач чанта со сличен тон.
Третата креација е миди фустан во корално црвена боја, со едноставен израз во горниот дел, и минимално проширување во делот под половината. Креацијата е надополнета со метален колан. Задржувајќи ја елеганцијата и едноставноста, избрала чевли во ист тон.
Нема коментари