Со цел да се соберат стредства и да се најави третото издание на манифестацијата „Прво па женско“, од 5 до 20 февруари во Младинскиот културен центар ќе се одржи „Свето, трето, женско“. Тiiiit! Inc. и „Канал 103“ најавуваат три незаборавни женски филмски вечери во МКЦ со девет филмови, исто толку режисерки, три дискусии по филмовите со авторките и со важни познавачи на филмот, проследени со три диџеј сетови на девојките од „Стотројка“.
-Статистиката на светско ниво вели дека само 16 отсто од сите активни филмски режисери, продуценти, писатели, кинематографери и монтажери денес се жени. Од друга страна, за прв пат во историјата на иднината на македонската кинематографија, класата по филмска режија на ФДУ во Скопје е женска класа. Дури четири од шест студенти се девојки, кои за неколку години ќе им се придружат на петте филмски режисерки кои таму дипломираа во изминативе пет години. Сите умни, смели женски со уникатен поглед на светот и автентично толкување на тоа што е филм. Прават добри филмови и собираат награди по меѓународни фестивали. Филмската режија во Македонија ја доживува својата женска ренесанса. И тоа вреди да се одбележи -велат од Тiiiit! Inc.
„3“ е важен број, исто како што на овие девојки им е важно и „Прво па женско“, па благодарение на добрата волја на сите учесници во нив, овие настани ќе бидат прилика за собирање на средства за третото издание на фестивалот што ќе се одржи од 6 до 8 март во МКЦ.
Нема коментари