По успешните самостојни презентации на „Дрвени приказни“ во 2014 година и „Човек, фабрика, помеѓу” во 2015, дизајнерот на накит од дрво Глигор Кузмановски на 23 февруари по третпат се враќа со изложба во арт-кафето „Концепт 37“. Идејата на креативецот е да направи т.н. подвижна изложба, која ќе почне во 20.30 часот.
-Инспириран од уметноста и музиката се родија првите обетки: Мондријан, Ротко, Девојка од бронза, кои веднаш си ги најдоа своите увца. По обетките дојде и првата алка и првиот базар, и првата изложба, за што сум им благодарен на Јасмина, Елена и Јулијана. Така почнаа да се редат креации, настани, дружења. Во овој период запознав многу луѓе со слична енергија, позитивни, ведри кои ме туркаа напред со убав збор, насмевка, прегратка… Ви Благодарам! Сакајќи да ви се оддолжам на сите вас, ве канам наредниот вторник да дојдете во „Концепт 37“ каде што секој ќе си го понесе омиленото(ите) парче(иња), така што ќе добиеме подвижна изложба преплетена со меѓусебна дружба што е еднакво на ИЗЛОДРУЖБА!. За самиот настан изделкав и подароци, пет дела за сите што ќе бидат накитени, и пет за тие што ќе дојдат „голи”- вели Кузмановски.
Покрај коктелите, за добрата забава во локалот вечерта ќе се погрижи диџејот Костадин Шурбановски- Шурбе.
Љубовта кон давање нов живот на парчето дрво кај Глигор се развила уште во раното детство, кога сам си ги изработувал играчките. Во тинејџерските денови почнал да креира накит со првите монисти. Дизајнира прстени, алки, ѓердани, обетки и брошеви од дрво со уникатен дизајн. Најчесто како материјал го користи оревот, но некогаш употребува и дрво од смоква, цреша. Покрај самостојната работа како дизајнер на накит има остварено и соработки со модните креаторки Росица Мршиќ (на две нејзини колекции: есен-зима 2011/12 и пролет-лето 2012) и со Силвија Михајловска од „Алшар“ (колекција есен-зима 2014).
Кузмановски, кој има дипломирано Историја на уметност со археологија, често учествува на базарите, групните изложби, поп-ап продавниците и хуманитарните настани кај нас. Има претставено свои скулптури во Музејот на Свети Николе (2007) и Мала Станица (2008). Имаше заедничка изложба на накит со својата колешка Елена Ристовска во рамките на „Поетски ноќи- Велестово“ (2011). Беше дел од групната постановка „Накит на метро” во МКЦ (2012), а колекцијата „Вулкан” ја претстави на Неделата на дизајн во Скопје, истата година. Во 2013 година учествуваше на „Мода за понети” во „КЦ Град“ во Белград, колекцијата The sea inside ја претстави на групна изложба во Музеј на македонската борба. Беше дел и од поп-ап продавницата во кафе-бар „Цреша“. Се претстави на продажната изложба на манифестацијата „Прво па женско“. Глигор ја изработи и статуетката за најдобра манекенка на наградите на Stylist.mk доделени по пролетното издание на Моден викенд-Скопје 2014 година.
Нема коментари