Првата композиција од низата музички дела на кларинетистот Благојче Трајковски насловена како „Трепет“ излегува во музичкиот етер, создадена во соработка со пејачката и виолинистка Андријана Јаневска. „Трепет“ претставува емоционално богата инструментална музика каде кларинетот на Благојче и виолината на Андријана изразувајќи меѓусебна љубов не оставаат рамнодушен ни еден слушател.
Посебните емоции произлегуваат и од прекрасната придружба од камерниот оркестар составен од врвни македонски музичари и неколкумината гости инструменталисти, меѓу кои уникатниот гитарист од Бугарија Петар Миланов, како и најдобриот перкусионист од Македонија Ратко Даутовски. Сите тие префинети звуци маестрално ги склопи големиот диригент и композитор Димитар Христов.
- Ова претставува композиција создавана во духот на класичната музика, но со елементи од македонската староградска музичка традиција. Автор сум на музиката, а маестрално ја аранжираше големиот композитор и диригент Димитар Христов. Аудио продукцијата е производ на Дејан Момироски, а дел од композицијата се снимаше во Софија, во студиото на Алекс Нушев. Видеото за ова парче музика го направи екипата на Веста Продукција, а спотот е снимен во прекрасното издание на Завод и Музеј во Битола. Покрај прекрасните млади музичари кои се дел од Камерниот оркестар, во спотот значаен придонес даваат младите танчери Мила Димовска и Томи Марох, кои со својот прекрасен перформанс, му даваат една посебна уметничка димензија на целиот музички и визуелен производ. За изгледот во спотот на нас како артисти се погрижи македонскиот моден дизајнер Папаз. Инаку, сакам да истакнам дека подготвувам албум кој треба целосно во етер да излезе на есен, ќе биде еден исклучителен придонес во развојот на целокупната балканска музика – вели кларинетистот Благојче Трајковски.
Благојче Трајковски го поседува најуникатниот звук на кларинетот и е единствениот интерпретатор кој знае да ја интерпретира македонската музика во вистинската смисла на зборот. Еден од најактуелните инструменталисти и музички педагози на Балканот, кој неуморно го дава својот придонес во вистинскиот музички професионализам. Андријана Јаневска во македонската музика се докажа како еден многу сериозен и префинет комплетен музичар, вокален солист, солист на виолина, оркестарски интерпретатор, композитор и аранжер.
Нема коментари