Кежуал изгледот, осносно леженоста во модата, многумина ја мешаат со неуредност, парталавост и демоде изглед. Таа е спротивност од тоа. Секојдневниот изглед меѓу другото значи ред во хаосот, личен печат над безличноста, микс на чиста, удобна и умешно комбинирана облека, која не влегува во строгиот бизнис-изглед или свечениот дрескод, но во која може да изгледате пристојно. Неофицијалниот, удобен изглед можеби е опуштен, но не и распуштен.
High Street брендовите посебно внимание посветуваат на веќе добро искристализираниот стил (кежуал), создавајќи елегантни и модерни креации, кои нудат лежерно, но не и хаотичност. Иако лежерноста сама по себе значи и растеретеност од секакви конвенции и трендовски рамки, сепак, и во кежуал модата има сезонски must have креации, кои најчесто се инспирирани од уличната мода и од блогерите.
Рафтовите на модните куќи и бутиците што третираат секојдневна облека се менуваат во тонот и формата на глобалните трендови, а оваа сезона, потрагата по удобна облека може да ве донесе и во одделот за бизнис-облеки. По имплементирањето на широките кошули (позајмени од машкиот ормар), памучните фустани и чевлите со ниски потпетици, љубителите на опуштениот имиџ, кои мора да се придржуваат кон бизнис дрескодот, оваа сезона можат да уживаат и при изборот на удобни панталони.
Покрај тричетврт моделите со патент, што се голем хит во канцеларискиот изглед, сега може да изберете и широки панталони во стилот на 70-тите години. Навидум се маса од материјал, што се плетка околу нозете, но во нивната удобност и убавина ќе ја согледате уште при првата проба. Тие даваат слобода, полетост и свежина, која е потребна во топлите летни денови, а соодветни се и за дождливо време и промелива температура.
Тие наликуваат на долго здолниште, се поширока верзија од ѕвонарките од 70-тите и нешто поелегантна верзија на шалварите. Идеални се за комбинирање, можете да ги споите со кожула, поелегантна свилена блуза или палто за во канцеларија, со топ од тантела или корсет за вечерен изглед или пак со маица со пруги или некој друг принт по прерамки или куси ракави, за секодјневен изглед. Еднобојните модели може бесконечно многу да се комбинираат, а тие со принт „трпат“ спој и со горен шарен модел, со оглед на тоа што ова лето е лето на микс на принтови.
Најчесто може да се забележат девојки со бели, црни, црвени, сини и модели со пруги. Тие ја издолжуваат ногата и се елегантни. Може да се комбинираат со различни обувки, од виски потпетици, чевли со дебел ѓон, патики, еспадрили, балетанки, па сè до сандали. Одговараат на девојки со различна конструкција на телото и често ги сокриваат недостатоците. Не се препорачиваат само на многу ниски личности . За нив препорачливи се тричетврт моделите или припиените панталони. Широките панталони се многу популатни меѓу блогерките, а во продолжение ви нудиме избор на комбинации со овие модели уловени на улиците на светските модни центри.
Нема коментари